Јанева: Има напредок во истрагите

by Фокус

Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуиникациите ја известува јавноста дека спроведени се тендерски постапки и во тек е преземањето на градежни активности со цел адаптација на просториите каде ова Јавно обвинителство треба да биде сместено.

Воедно Ве известуваме дека во тек е постапка за добивање на безбедносни сертификати за јавните обвинители, при што на дел од обвинителите веќе им се издадени сертификати за работа со класифицирани информации со степен на класификација „Државна тајна“.

Во изминатиот период особен интерес беше изразен за нашето постапување по однос на бараните материјали од СДСМ. Повторно укажуваме дека ние очекуваме материјалите да ни бидат предадени и сите субјекти да започнат активно да соработуваат со ова Јавно обвинителство. Појаснуваме дека соработката со субјектите до кои се обраќаме, без оглед за кого станува збор,  е отежната и во оваа насока наш конкретен став за ваквата отежната соработка и мерките кои ќе бидат преземени од наша страна, ќе биде соопштен во средината на јануари.

Сепак и покрај ваквата состојба на отежната соработка, Ве известуваме дека во тек се повеќе предистражни постапки по предметите за кои е воспоставена стварна надлежност и постои известен напредок во истите, но во овој момент не сме во можност да соопштуваме детали, а сето во интерес на истрагата.

Исто така апелираме до сите субјекти да се воздржат од етикетирање на ова Јавно обвинителство и негово ставање во функција на реализација на различни политички и други цели, бидејќи најважно во овој момент е спроведување на независни и професионални истраги, во рамки на кои доследно ќе се почитуваат начелата на тајност на предистражната постапка, објективност и легалитет во постапувањето.

Поврзани новости