Јанева и Боки 13 правдата за ,,Рекет” ќе ја бараат во Стразбур

by fokus

Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева и Бојан Јовановски правдата за случајот “Рекет” ќе ја бараат пред Судот за човекови права во Стразбур. Овој чекор следува откако вчера Врховниот суд донесе одлука со која го одби нивното барање за вонредно преиспитување на пресудите за ,,Рекет”, со што практично им ги зацементира затворските казни.

Сега, меѓународниот суд, е нивната последна преостаната шанса. Од адвокатскиот тим на Јанева и Јовановски за ,,Фокус” потврдуваат дека правната битка ќе ја продолжат во Стразбур. Ова лично го најави и Боки 13 на социјалните мрежи.

-Одлуката на Врховниот суд е врховен срам! Ова е политичка одлука, без примена на право, но откажување нема. Правдата ќе ја барам пред меѓународниот суд за човекови права во Стразбур и на крајот вистината ќе добие светлост на денот, а до тогаш радувајте се а потоа сите ќе одговарате за целото злосторничко здружување и нанесено зло!, порача Јовановски преку фејсбук.

Екс специјалната обвинителка Катица Јанева беше осудена на 7 години затвор, а Бојан Јовановски-Боки 13 на 9 годишна затворска казна.

Јовановски е осуден за примање награда за противзаконито влијание и за перење пари, а поранешната шефица на СЈО, Јанева, за злоупотреба на службената положба и овластување.

Обвинителството го гонеше Јовановски дека земал 1,5 милиони евра од бизнисменот Орце Камчев, за да заедно со Јанева го спасат од кривичен прогон за случајот „Империја“ кој го отвори СЈО. Во случајот обвинет беше и Зоран Милевски Кичеец, кој по признание на вина беше осуден на три години затвор.

Валентина Вурмо

Поврзани новости