Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите изразува загриженост за одолговлекувањето на процесот на носење на Законот за јавнообвинителска служба, кој е неопходен за работата на ова Јавно обвинителство.
Од таму додаваат дека со овој закон се уредува начинот на вработување и статусот на стручниот, истражителски и административен кадар во ова Јавно обвинителство.
– Без овој закон функционирањето на ова Јавно обвинителство ќе биде значително отежнато од причина што стручниот, истражниот и административниот кадар имаат значајна улога за непречено извршување на работите и се подеднакво неопходни, како и јавните обвинители. Во оваа прилика апелираме до надлежните институции ургентно да пристапат кон носење на Законот, со укажување дека во интерес на целата јавност е овозможување на непречени услови за работа на ова Јавно обвинителство“, се наведува во соопштението на Јавното обвинителство.
Што се однесува до Законот за заштита на приватноста и предавањето на материјалите од незаконското следење на комуникации, ова Јавно обвинителство ја информира јавноста дека согласно членот 2 од Законот за заштита на приватноста, дека е надлежно за примање на материјалите.
– Во оваа насока појаснуваме дека секој кој поседува материјали од незаконско следење на комуникации е должен да ни ги предаде материјалите, согласно со закон. И покрај фактот што во јавноста беа објавени информации дека одредени физички и правни лица, како и државни органи поседуваат материјали од незаконското следење на комуникации, сепак единствено од страна на политичката партија СДСМ доставено е писмено известување во кое е изразена подготвеност за достава на материјалите кои ги поседуваат, а кои потекнуваат од незаконското следење на комуникациите. Предвид наведеното, апелираме до сите кои поседуваат вакви материјали да достават известување до ова Јавно обвинителство, како ние, постапувајќи согласно Законот за кривична постапка, би можеле да ги прибавиме материјалите – повикува Јавното обвинителство.