Судот и натаму ја опструира работата на Специјалното јавно обвинителство. За барањата за претреси и притвори на функционери, секогаш одлучуваат исти судии, кои постојани ги одбиваат, се жали специјалната обвинителка Катица Јанева.
– Ние ги образложуваме сите предлози за притвор, но како што знае јавноста, од одреден број на судии тие се одбиваат на ист начин иако ние ја следиме судската и европската практика, за тоа како треба да се бара притвор и други мерки за обезбедување на осомничени. Не сме задоволни од постапувањето на судот по нашите предмети. Кога ги поднесуваме барањата за претрес или притвор секој пат одредено лице, одреден судија одлучува по нашите барања – вели Јанева.
Таа порача дека судот и судиите треба да сфатат која е улогата на СЈО, кое не гони обичен криминал туку криминални групи во врвот на власта.
-Судот треба да сфати дека СЈО не гони обичен криминал, туку ја гони криминалната група која се наоѓа во врвот на власта и затоа судот мора совесно, чесно и професионално да си ја извршува својата должност кога станува збор за случаите на Специјалното јавно обвинителство – порача Јанева.