Со референдумот, Македонците не го купуваат своето членство во две моќни организации, како што сакаат националистите да ја претстават состојбата. Со референдумот тие доброволно ќе ја изгласаат својата иднина, која секако дека ќе биде подобра од животот закован во времето на Филип и Александар, вели во интервју за МИА угледниот српски надворешно-политички аналитичар Бошко Јакшчиќ.
– Сите оние кои го минираат, кои повикуваат на бојкот, собираат евтини националистички поени. И што доколку успеат, што доколку на овој начин се вратат на власт, со каква држава би управувале? Русија како осамена голема сила на сите начини работи да не дојде до договор со Грција, вели Јакшиќ.
Според него, интензивната дипломатска активност на лидери на ЕУ, НАТО и САД во Скопје изминативе недели со поддршка на договорот со Грција, е погрешна.
– Многу од оние кои се неопределени тоа го доживуваат како притисок, а на Балканот се знае како се одговара на притисок – со пркос. Македонците сами треба да сфатат, без преголема поддршка од страна, колку можат да добијат доколку на референдумот го изгласаат договорот. Треба само да се потсетат која цена Македонија ја плаќаше живеејќи со проблемот околу името кој траеше 27 години. Пропуштеното членство во НАТО кое беше договорено на самитот во Букурешт… Плебисцитот за името на државата го доживувам како тест за зрелоста на македонската демократија, истакнува Јакшиќ.