Јакимовски во петок прво ќе седне на обвинителна клупа, па потоа во градоначалничката фотелја

by fokus

Новоизбраниот градоначалник на општина Карпош, Стевче Јакимовски, пред да седне на градоначалничката фотелја, во петок најпрвин ќе треба да седне на обвинителна клупа во Кривичниот суд. На Јакимовски му се суди за кривично дело од времето кога беше градоначалник, односно за незаконска легализација на објекти, меѓу кои и за просторот кај поранешниот ресторан „Имес“, и градењето на административната зграда на Општина Карпош.

Обвинението за овој случај беше поднесено во 2019 година, а оттогаш се одржале неколку судски рочишта. Но, од пред неколку месеци предметот е вратен од почеток, бидејќи судијата Горан Бошевски беше разрешен, а предметот го наследи судијата Осман Шабани.

Освен Јакимовски, во овој случај обвинети се уште 10 лица, од кои петмина признаа вина и се спогодија со обвинителството.

„Тие, иако знаеле и биле должни да знаат, дека објектите за кои се поднесени барањата се објекти што не смеат да бидат предмет на постапка за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, ги потпишале урбанистичките согласности и дале согласност за вклопување на предметните времени објекти за деловна намена во урбанистичко-планската документација. Со потпишувањето на решенијата за утврдување правен статус на времените објекти за деловна намена како да се бесправно изградени објекти, овозможиле три фирми и едно физичко лице да се стекнат со право на сопственост на објектите и ексклузивно право на откуп на земјиштето под објектите кое било во сопственост на државата“, пишува во обвинението.

Во него се наведува и дека обвинетите иако знаеле дека постапката за легализација на времените објекти е спротивна на законот, овозможиле на две фирми преку спогодба да се стекнат со градежното земјиште за 438 денари за квадратен метар, иако според ценовникот за утврдување на пазарната вредност цената изнесувала 18.000 денари. На тој начин, според обвинителството, државниот буџет бил оштетен за 31.410.000 денари (околу 500.000 евра).

В.В.

Поврзани новости