Пратеникот во германскиот Парламент, Бајер, го потврди она што јас веќе го зборувам подолго време, дека Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се подготвени да извршат промени на Уставот, но чекаат прво евентуално да победат на парламентарните избори, па потоа да го направат тоа предавство, изјави денеска кандидатот за претседател на ГРОМ, Стевче Јакимовски.
-И практично, кога ги анализираме двете политички партии, СДСМ е спремен да предаде и тоа веднаш и не се крие за предавството, меѓутоа проблемот кај ВМРО-ДПМНЕ е што тоа сакаат да го скријат од народот, односно да го излажат народот и да го направат тоа предавство по завршувањето на парламентарните избори. И јас сега сакам да прашам, бидејќи тие велат ќе поставуваат услови, ќе било одложено важењето на Уствот, само сакам да прашам за господинот Мицкоски, кого лаже? Дали го лаже германскиот пратеник, или ги лаже гласачите, членовите на ВМРО-ДПМНЕ, кого лаже?!, прашува Јакимовски.
Според неговата проценка, како што вели, Мицкоски му ја кажува вистината на германскиот пратеник, а на македонските граѓани им ја кажува лагата дека тој ќе поставува услови, дека тој ќе бара одложено дејство на важење на Уставот кога ќе влеземе во ЕУ.
Питер Бајер, пратеник во германскиот парламент – Бундестагот од редовите на Христијанско-демократската унија (ЦДУ), сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ според идеолошките референци, вчера во госување на телевизија сител кажа дека ВМРО – ДПМНЕ е за устевни измени и дека тие ќе се донесат по изборите.
Знам со сигурност дека ВМРО-ДПМНЕ сака да се измени Уставот, но имаат аргументи и причини зошто велат не сега, а тоа е поради процедурите за негова промена, но, исто така, и поради однесувањето на Бугарија и некои од нејзините највисоки претставници.
Во интервјуто, прашан како гледа на обвинувањата кон ВМРО-ДПМНЕ од страна на политичките ривали дека е главниот фактор кој ги блокира уставните измени од кои зависи продолжувањето на евроинтегративниот пат на земјава, Бајер рече дека има разбирање за дејствувањето на ВМРО-ДПМНЕ, притоа посочувајќи оти нема сомнеж дека позициите на партијата се проевропски.
-ВМРО-ДПМНЕ, како што споменавте, е критикувана, но јас не сум бил сведок висок преставник на оваа партија да каже нешто јавно против Европската Унија. Напротив, од сите разговори кои ги имам во изминативе години сум бил сведок на многу проевропски позиции и знам со сигурност дека тие сакаат да се измени Уставот, но имаат аргументи и причини зошто велат не сега, поради процедурите за измена на Уставот, но исто така, и поради однесувањето на Бугарија и некои од нејзините највисоки претставници. Имам силно разбирање за тоа зошто ВМРО-ДПМНЕ дејствуваше како што дејствуваше и тие добиваат силна поддршка од големо мнозинство од Македонците кои прашањето го гледаат на истиот начин и затоа добиваат силна поддршка и во оваа кампања за претстојните избори, рече Бајер.