Продуцентот Винко Грубишиќ од продукцијата „Јадран филм“ денеска преку соопштение тврди дека некој од свои причини на сосема некоректен начин погрешно ја информирал Владата дека серијата „Македонија“ воопшто не се снима.
-Заради оваа објавена невистина, многу порано од тоа што планиравме на интернет ќе објавиме делови од снимениот материјал за да ја докажеме вистината и да покажеме дека некој неточно ја информирал Владата. Сметаме дека после тоа имаме полно право да очекуваме дека тие кои свесно и намерно ја измамиле Владата, треба да одговараат за предизвиканата штета, пишува Грубишиќ во реакцијата и ветува дека серијата ќе биде завршена без оглед на, како што нагласува, сите препреки и предизвици.
Портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски денеска изјави дека средствата биле доделени на продукцијата „Јадран филм“ и требало да се направи проект играна серија „Македонија“, но во согласност со утврдениот термин, 4 септември 2017, првиот дел од серијалот ниту бил снимен, ниту бил испорачан, а парите во износ од 1,2 милиони евра се префрлени.