Ја скрил пушката на дедо му во грмушка, вториот куршум бил смртоносен за жртвата, детали за убиството во населба Даме Груев

by fokus

Најмалку пет години затвор му се закануваат на 25-годишниот С.П. кој се сомничи дека на 28 декември минатата година смртно го застрелал 38-годишниот скопјанец Н.Д. на кого му должел пари.

Основното јавно обвинителство против него поднесе обвинителен акт за убиство. Обвинителство го сомничи С.П. дека со умисла го лишил од живот сега починатиот Н.Д.

Убиството се случи на улицата „Шарпланиска“ во скопската населба Даме Груев.

С.П. со пушка „Црвена застава“ испукал два куршума во Н.Д. кој седел во „фолксваген пасат“. Смртоносен бил вториот куршум, кој завршил во грбот на починатиот откако се обидел да избега.

Обвинителство откри повеќе детали за настанот.

„Обвинетото лице, пред да го изврши убиството, од домот на неговиот дедо земало ловечката пушка марка Црвена застава Крагуевка и ја скрило во грмушките на улицата Шарпланинска. Потоа му се јавил на сега починатото лице за да му каже дека на возилото Пежо 106 му се јавил дефект на конкретното место, но дека со себе ги носи неговите 850 евра кои му ги должи. Откако оштетениот пристигнал на договореното место со неговото возило Фолксваген пасат, сторителот пришол и седнал на совозачкото седиште. Во разговорот кој го воделе, обвинетиот му рекол на сега починатото лице дека парите кои ги носи се во валута евро и дека треба да ги сменат во менувачница. Но пред да заминат, сторителот излегол од возилото и ја оставил вратата од страна на совозачот отворена. Го замолил оштетениот да го почека, при што отишол до грмушките, го зел оружјето од таму се вратил кај возилото и дирекно испукал еден куршум кон сега починатиот.  Вториот смртоносен куршум од оружјето бил испукан во грбот на оштетениот, откако тој направил обид да излезе од возилото“, соопштија од Обвинителствп.

Од таму додаваат дека со поднесување на обвинението, надлежниот јавен обвинител до судот достави и посебен предлог за продолжување на мерката притвор за обвинетиот поради постоење на опасност од криење и бегство.

Поврзани новости