Ја сечат мрежата на автопатот за да го скратат патот до нивите!

by Fokus

На автопатот Градско – Неготино во неделата на пладне, возило со германски регистарски таблици удри во куче. Кучето почина на самото место, додека пак патниците видно вознемирени поради случката, се задржаа паркирани покрај прегазеното куче, обидувајќи се да се смират.

Истото потоа го ставија на крајот на коловозот, пред да го продолжат патот, прашувајќи како може среде автопат да им излезе куче.

„Фокус” беше сведок на настанот. Сепак, ова не е прв пат на нашите автопати да излезе куче, крава, коњ, па дури и волк. Низа на такви настани, кои во добар дел завршуваат и со трагедии, со жртви, тешко повредени патници или голема материјална штета, се честа слика на автопатот.

Трупот на кучето и вчера попладне беше на истото место, каде што го оставија патниците кои удрија во него со возилото. Никоја од надлежните служби не го отстрани цели три дена.

Како успеваат животни да ја преминат заштитната мрежа, и да се најдат на коловозот, не е тешко да се претпостави. За обиколка од половина час, може без проблем да се забележат десетици места на кои мрежата е искината.

На некои од нив, дури и обрасната со трева и грмушки, бидејќи очигледно во таква состојба е оставена подолг временски период. Она што е впечатливо, на автопатот Неготино – Градско, на само неколку километри од Неготино, покрај прекинатата мрежа, на стариот дел од автопатот се паркирани возила.

Луѓе кои имале земјоделски површини во близина, за да го скратат својот пат до земјиштето, ги паркираат возилата на стариот пат, па преку исечената мрежа пеш излегуваат на автопатот, го претрчуваат, и наместо да прават цел круг со возилото, по скратен пат одат на нивите. За ризикот дека и самите можат да бидат прегазени од возилата кои се движат по автопатот, очигледно дека не се размислува. Не се размислува ниту за тоа, дека се става на ризик и животот на возачите и на сопатниците.

Јавното претпријатие за државни патишта е орган одговорен за управување, изградба, реконструкција, одржување и заштита на државните патишта во земјава. Нема одговор зошто е дозволено такво нарушување на безбедноста на автопатот, и зошто нелегалните приоди до автопатот остануваат несанирани долг временски период, и претставуваат опасност за сите учесници во сообраќајот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости