J’aihonte (Јас се срамам)

by Фокус

J’accuse“ е отвореното писмо на Емил Зола што тој, пред сто години, му го упати на претседателот на Франција, во врска со аферата „Драјфус“. Со времето, тој израз стана синоним за текст преку кој се изразува револтот и одбојноста кон некое друштвено зло.

Сум обвинувал и јас конкретно и сум укажувал често на злоупотребата на исламот од страна на неодговорни луѓе, кои со своите постапки опасно го нарушуваат угледот и имиџот на исламската вера како вера на мирот и на љубовта, објавена од Алах за сите времиња и за сите народи.

По вчерашните грозоморства во Париз, јас веќе не обвинувам. Јас се срамам. Се срамам пред францускиот народ, се срамам пред сите добронамерни луѓе на светот. Најмногу се срамам пред семејствата на загинатите во Париз бидејќи не сум сигурен дека тие имаат сила да го прифатат моето сочувство. И не ги обвинувам, бидејќи сум свесен за болката што ја чувствуваат.

Се срамам затоа што тоа што се случи во Париз е бестијално, а таа бестијалност ѝ се припишува на мојата вера. Се срамам затоа што невидената бруталност на таму некои заведени и загубени души ја дискредитира мојата вера и верите воопшто, бидејќи им овозможува да ликуваат тие што тврдат дека „Светот без Бога е поубав свет и дека религиите секогаш стануваат радикални и екстремни…“.

Денес се срамат сите муслимани, иако авторите на масакрот во Париз не ги признаваат како свој дел. Денес, секој искрен верник и припадник на исламот се чувствува исто како да се случил масакрот во Џеда, Каиро, Дубаи, Приштина, Скопје или во Тирана. Вчера загинаа недолжни луѓе, меѓу кои најверојатно има и муслимани бидејќи во Франција живее многу голем број од нив.

Ако некаде се добредојдени и интегрирани муслиманите, тоа е Франција. Ако некаде просперирале муслиманите дојденци, тоа се случувало во Франција. Затоа сум убеден дека тие муслимани не би ги злоупотребиле можностите што им се пружени, ниту би ја нарушиле атмосферата на толеранција. Тие муслимани се сосема свесни дека живеењето во Европа подразбира и почитување на правилата и законите што владеат во Европа, а дека постигнувањето какви било цели, особено верските, со употреба на сила, претставува нецивилизираност.

Се плашам дека многу малку или речиси ништо не значи веќе тоа што ние муслиманите (терористите не ги сметам за муслимани) изразуваме солидарност со жртвите на тероризмот. Ние може да сме згрозени од нападите во Париз, може и да нѐ прекрие срамот од тоа што се случи таму, ама вистинската болка останува во Франција и долго ќе тлее таму, ќе гори во сеќавањето на луѓето што си ги загубија најмилите одненадеж, без никаква вина и без никаква најава.

Се подразбира, терористите убиваат и во Кудс, во Египет, Ирак, Сирија… И таму владеат стравот и болката, но тоа само потврдува дека светот, без оглед на припадноста на злосторниците, се наоѓа во незавидна положба бидејќи се соочува со безредие и беззаконие, појави што Алах не ги сака.

Како и да е, и во овие денови на ужас, кога светот, скршен од нечовечноста на терористите, го вперува прстот кон муслиманите, ќе го повторам тоа што е есенцијално кога се во прашање исламот и вистинските исламски верници и ќе повторам:

Исламот е универзално добро што им е дадено на луѓето од Тој што го создаде и го објави, значи од Семоќниот Алах. А едно од деведесет и деветте убави имиња на Алах е и Ел Халим (Толерантниот Бог). Верата што ја објавил Алах, кој се нарекол себеси и Толерантниот Бог, не може да биде доведена во врска со тероризмот, а уметот муслимански не може да биде терористички настроен. Тој умет, тој народ муслимански е метафизички предодреден да биде екуменистичен и подготвен на дијалог, токму како што посакува Алах, Ел Халим, Толерантниот Бог. Уметот муслимански е свесен и знае дека „Одземањето на еден недолжен живот е рамно на космичка трагедија“, и затоа не смее да си дозволи да ги прекрши правилата што ги воспоставил Творецот на световите.

Терористите што нанесоа толку многу болка и предизвикаа толку ужас во Париз, дефинитивно не се муслимани, тие се само убијци што случајно носат муслимански имиња. Тие не избираат цели, тие убиваат муслимани и христијани заедно, тие сакаат да посеат несигурност и страв меѓу сите нас, без оглед на нашите имиња и нашето верување. Терористите би сакале да го убијат човештвото, ама човештвото го штити Алах, Ел Халим, Толерантниот Бог, Тој што нѐ создал различни за да можеме да се запознаеме подобро и да се сакаме повеќе (парафраза на курански ајет).

Но, се срамам поради Париз, се срамат сите муслимани поради Париз.

J’ ai honte

Пишува

х. Сулејман еф. Реџепи

Поврзани новости