Извршен е вонреден инспекциски надзор на „Дрисла“

by irena 21:29
21:29

Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) денеска соопшти дека пред два дена, односно на 9 септември, Инспекторатот за животна средина извршил вонреден инспекциски надзор во депонијата „Дрисла“ и дека е изготвен извештај кој е доставен до Министерството.

Вонредниот инспекциски надзор поради пожарот што избувна на депонијата и сè уште е активен, како што се наведува во соопштението од Министерството, бил извршен по пријава од Полициската станица Гази Баба. Во него учествувале овластени инспектори од Секторот за внатрешни работи (СВР Скопје), а на местото биле присутни директорот на Јавното претпријатие „Дрисла“, надлежно лице за животна средина и други вработени во претпријатието.

„Во доцните попладневни часови, околу 15:15 часот, државниот Инспекторат за животна средина изврши вонреден инспекциски надзор поради пожар кој избувна на поранешната депонија за комунален отпад „Дрисла“, по пријава од Полициската станица Гази Баба. На лице место се врши гаснење на опожарениот дел со сопствена механизација и средства на ЈП ‘Дрисла’, како и со повеќе противпожарни возила и возила на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје. Инспекцискиот надзор го извршија овластени инспектори од СВР Скопје ЕЕКК, а присутни беа и директорот на ЈП ‘Дрисла’, надлежно лице за животна средина и други вработени во јавната установа“, се наведува во соопштението.

Од Министерството додаваат дека во согласност со дозволата А-ИСКЗ, која ја поседува ЈП „Дрисла“, бил изготвен извештај во врска со настанот и преку електронска пошта испратен до Министерството за животна средина и просторно планирање и Државниот инспекторат за животна средина.

„Од надзорот е изготвен записник, а ќе бидат земени и примероци од подземни води и почва од страна на акредитирана лабораторија за животна средина. ЈП ‘Дрисла’ достави и извештај од мониторинг-станицата за квалитет на воздухот. Инспекциската постапка е во тек и се следат сите мерки за евалуација на влијанието и отстранување на последиците од пожарот“, се вели во соопштението.

Слични вести