Известуваат за инциденти, но не и за правата на ЛГБТИ

by Фокус

Како известуваат медиумите за ЛГБТИ заедницата и нивните права и зошто имаат предрасуди и многу почесто се на линијата на владините политики отколку на правата на маргинализираните групи? Овие дилеми беа отворени при промоција на проектот кој има за цел да ги прмовира правата на сексуалните и родовите малцински групи во општеството.

Професорката Јасна Котеска посочи дека само во последниве две години, ЛГБТИ заедницата беше изложена дури на шест организирани јавни напади и насилство. Таа потсети дека ни еден од овие напади досега не е процесуиран преку Јавното обвинителство, како дека сите интернационални правни акти од Обединетите Нации до Советот на Европа ја гарантираат рамноправноста на ЛГБТИ лицата во општеството.

Ирена Цветковиќ од Коалиција “Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ ја претстави квантитативната анализа на дневните весници во 2013 и 2014.

„Присуството на оваа тема во 2013 година е најмногу забележливо во рубриките хроника, заради насилството кое го одбележа отворањето на првата Недела на гордоста. Неделата на гордоста во 2014 година помина без насилство, но истовремено и без никакво медиумско внимание..

Во 2014 година, во временскиот период пред, за време на и по неделата на гордоста медиумите не ја третираа темата на неделата на гордоста туку: брак, традиционален брак, дефинирање на бракот како заедница единствено меѓу еден маж и една жена.“- посочи Цветковиќ.

Славчо Димитров ги претстави првичните наоди кои укажуваат дека ЛГБТИ заедницата стои длабоко на маргините на општествениот живот. Медиумите, во квантитативна смисла се доминантно и позитивно ориентиранини кон информирање за семејните вредности, а случувањата и активизмот во кругот на ЛГБТ културата која официјално не е прифатена е актуелен преку темите за насилството применувано врз претставници на заедницата или активисти за нејзините права.

„ЛГБТ субкултурата обележана како претставник на идеологиите на Западот, припадникот на ЛГБТ од Македонија претставен преку медиумите станува најчесто жртва подложена на жигосување, објект на потсмев и иронија и член на заедница која има мала политичка платформа, минорна политичка поддршка и отсуство на политичка иднина“- рече Димитров.

Во Србија и во Црна Гора телевизиите имаат висок степен на униформност во известувањата – ЛГБТИ заедниците се видени во контекст на неред, закана, хаос. Забележани се и следниве тенденции на известување: парадите на гордоста се сведуваат на прашање на безбедноста; ЛГБТИ активистите паѓаат во втор план.

 

 

 

Поврзани новости