Со 47 гласа за, девет против и еден воздржан, комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент го усвои извештајот на известувачот Иво Вајгл за Македонија во кој се поддржува отворање на преговори со ЕУ во јуни 2019.
Извештајот треба да биде сега усвоен на пленарната седница на Европскиот парламент во текот на ноември. Зависно од развојот на политичката состојба во Македонија до тогаш оставена е отворена можност да се поднесат дополнителни амандмани.
Вајгл поднесе еден дополнителен амандман по референдумот што се одржа на 30 септември во кој се истакнува дека е потребна дополнителна поддршка за евроатлантската иднина на земјата и ратификацијата на Преспанскиот договор. Европратениците ја охрабруваат Владата да ги преземе сите потребни чекори за почитување на одредбите од договорот со Грција, гласи амандманот.
Отфрлени беа неколку амандмани од грчки европратеници, меѓу кои амандмани на поранешната европратеничка Софија Сакорафа, која ја напушти партијата Сириза пред две години и која е против Договорот од Преспа.
Таа меѓу другото поднесе амандман во кој побара да се избрише придавката “македонски“ во целиот извештај. Сакорафа исто така бараше да се отстрани од текстот реченица со која се потсетува дека Македонија на почетокот од 2000-те години беше првак во евроинтегративниот процес во регионот.
Но, исто така беше отфрлен амандман на европратеник од групата на Зелените со кој се бараше да биде воведена констатација за планирани инфраструктурни проекти во заштитени зони што би имале значаен импакт. Амандманот, исто така, бараше почитување на препораките од Бернската Конвенција и суспендирање на проблематичните проекти.