Израел ги прекина телефонијата и интернетот во Газа

by Fokus

Хамас денеска соопшти дека нејзините војници во Газа се подготвени да се спротивстават на израелските напади со „целосна сила“ откако израелската војска ги прошири своите воздушни и копнени напади врз палестинската енклава. Палестинската милитантна група која владее со Газа соопшти дека нејзините борци се судриле со израелските војници во областите во близина на границата со Израел, откако Израел објави дека има засилени напади во Газа.

До утринава, над 12 часа е во прекин интернетот и телефонските услуги, за што телекомуникациските фирми и палестинската Црвена полумесечина рекоа дека е резултат на израелските бомбардирања.

„Покрај нападите извршени во последните неколку дена, копнените сили ги прошируваат своите операции вечерва“, рече синоќа портпаролот на израелската војска контраадмирал Даниел Хагари на телевизискиот брифинг, што го покрена прашањето дали долгоочекуваната копнена инвазија на Газа можеби започнува.

Тој рече дека израелските воздухопловни сили изведуваат опсежни напади врз тунелите ископани од Хамас и врз друга инфраструктура. Израелската војска денеска соопшти дека го убила шефот на воздушното крило на Хамас, кој помогнал во планирањето на нападот на исламистичката група на 7 октомври врз јужните израелски градови. Израелските одбранбени сили соопштија дека нивните борбени авиони го погодиле Асем Абу Ракаба, шеф на воздухопловниот одред на Хамас, кој бил одговорен за беспилотните летала, параглајдерите, воздушното детектирање и воздушната одбрана на групата.

„Тој учествуваше во планирањето на масакрот во заедниците околу Појасот Газа на 7 октомври. Тој ги насочуваше терористите кои се инфилтрираа во Израел со параглајдери и беше одговорен за нападите со беспилотни летала врз пунктови на израелската армија“, соопшти Армијата.

Вооруженото крило на Хамас доцна синоќа соопшти дека неговите борци се судриле со израелските војници во североисточниот град Беит Ханун во Газа и во централното подрачје Ал-Бурејџ.

„Нетанјаху и неговата поразена армија нема да можат да постигнат никаква воена победа“, се вели во соопштението на Хамас издадено рано утрово.

Израелските копнени сили се натрупани на границата со Газа, каде Израел спроведува интензивна кампања на воздушно бомбардирање по нападот на 7 октомври. Израел вели дека 1.400 луѓе, главно цивили, биле убиени, а повеќе од 200 биле земени како заложници, некои од нив се странски државјани или со двојно израелско државјанство.

Оттогаш, велат палестинските здравствени власти, израелските бомбардирања убиле повеќе од 7.300 Палестинци. Ал Џезира, која во текот на ноќта емитуваше снимки во живо на кои се прикажани чести експлозии во Газа, соопшти дека израелските воздушни напади ги погодиле областите околу главната болница во енклавата.

Поврзани новости