Отсекогаш мислев дека основниот порив на луѓето да читаат литература која го опишува животот во изолација и во ненормални состојби, како војна или затвор, е барањето на одговорот за тоа има ли и како изгледа животот таму?!
Некој вид љубопитност за тоа дали и животот таму долу на дното е како оној на површината. Љубопитност за рефлектирање, нешто како нуркање во длабочините на морињата и океаните, од каде што потоа луѓето се враќаат на воздух и копно, видно зачудени од богатството и од различностите таму видени.
Секако дека не може до толку да се самоисклучиме за да тврдиме дека и земјата, времето и состојбата во која живееме е такво едно изолирано дно, но мислам дека може да заклучиме дека сега и тука не се чита таква литература зашто би била многу брутално реална.
Тука таква литература би можела евентуално само да биде напишана, а ние да бидеме читаните. Што воопшто и не е лоша перспектива кога би имало кој да ја запише нашата приказна.
ПРОЧИТАНИ И ИЗЛЕЧЕНИ, ПАК НА ЖОЛТИЦА ЗАКАЧЕНИ
Секако дека за таквото запишување треба дистанца и отуѓеност, што не е возможно кај граѓанин на оваа земја со, за тука нормално, секојдневие. Веројатно тоа го може само туѓинец или некој тукашен, но којшто треба да се изолира за верно да ја пренесе изолираноста.
Нешто како пациент во најавените фришоп-зони за лечење. Каде што веројатно ќе изнајмуваме земја за карантин од жолтица, листерија и такви слични нешта, оти по тоа сме познати. Поинаку нема логика, освен ако изолирано не ги носат странските пациенти. Зашто, инаку, излечените од рака,нога или од срце на излезот од болницата ќе закачат жолтица.
Но, ете, да се обидеме да пренесеме малку од секојдневието, повеќе заради аргументирање на реалноста за дното отколку за потврда на невозможноста таа литературно да се долови.
НИЕ СМЕ ЕДНА ОБЛАНДА ЗА ЕДНА ИСТА БАНДА
Партијата ДУИ, која во предизборна кампања настапува со логото на НАТО, наместо во Кардиф, самитот на НАТО ќе го следи во големата сала на својата средишна канцеларија во Мала Речица. Лидерите на позицијата и опозицијата, наместо да се сретнат во Берлин, Кардиф или во Собрание, ќе се сретнат во судница. Сведокот на одбраната ќе го одбрани тужителот, но така е тоа, зашто кога чекаш правда од „газди нини“ е како да очекуваш слобода и демократија, а навиваш за „путини“.
Претставник на туѓа црква, СПЦ, ни ја вреднува државата, а претставничка на нашата држава, во работно својство платено од сите граѓани, кога вели „ние“ мисли само на едната црква на граѓаните: МПЦ. ИВЗ бара полиција во џамија, а министерката, веројатно затоа што самата не може да стане поглавар и оџа, најавува избори во ИВЗ.
Школските учебниците од Кембриџ на Оксфорд се менуваат, од руинираност некои школи не се отвораат, а само за една година во некои села и градови бројот на првачиња е преполовен. Изгледа се снашле сами учениците и родителите, па си заминале сами во Кембриџ и Оксфорд да учат од непреведени книги преку гугл-транслејт.
Во некои школи ќе има и задолжителна униформа, строј и химна пеење, но во повеќето ќе има епидемија од жолтица и раце миење. Така, целото друштво: она „ние“, сосе партија, држава, ИВЗ, МПЦ, школо и општина, стануваме само една обланда за една иста банда.
НЕ ДО ТОЛКУ, АМА, СЕПАК, ТОКМУ
Секако дека ваквото евидентирање е податно за приговори од типот: е, не е до толку! Но, тој приговор е претежно субјективен. Па и на дното, во затворите и војните, литературата изобилува со субјекти и ликови на кои им врвела работата и биле неизолирано среќни. Некои како дел од банда, а некои до нив.
Но, историјата нѐ учи дека сепак некаде ги стигнала одложената правдина. Некои во Нирнберг, Хаг, а некои и подоцна на некои други места. Секако, секого според неговото субјективно чувство за срам, злосторство и одговорност, кое сепак е лично.