Со 62 гласа „за“, Собранието попладнево го поддржа предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за лична карта во прво читање.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски образложи дека законот е предложен со цел да се испочитуваат уставните одредби што се однесуваат на примената на Договорот од Преспа и Законот за јазиците.
-Во овој текст на закон се опфатени двете измени за да можеме практично да ги издаваме новите лични карти со новото уставно име и примена на Законот за јазиците, практично на сите заедници кои живеат во Република Северна Македонија кои се наоѓаат во Уставот – рече Спасовски.
Тој потсети дека од 1 јули почна издавањето на патни исправи, но производство на личните карти уште не е почнато заради носење на ова законско решение.