Пожарникарите вчера интервенираа и изгаснаа 14 пожари на отворено што се ширеа со голема брзина, а на терен во исто време имаше поројни дождови, поплавени подруми, наноси по патишта и одрони, информира Центарот за управување со кризи.
„Вчера, прогнозата на УХМР се оствари и имаше посилни локални врнежи прво во северниот дел од државата, што потоа се проширија во западниот дел на државата, а во исто време во југоисточниот дел на државата имаше пожари со засилен ветер заради што опасно брзо се ширеа“, соопшти ЦУК.
Како што посочуваат, вчера попладне во 15:50 часот на Единствениот број за итни случаи 112 во ЦУК е добиена пријава за пожар кај село Жеганци во Општина Чешиново – Облешево, на влезот до селото кај локалниот канал.
-Огнот се движел брзо и претставувал опасност за куќите. Биле известени пожарникарите од Територијалната противпожарна единица ТППЕ од Кочани, коишто го локализирале, а потоа и го изгаснале пожарот.
Потоа, на 112 во ЦУК, е добиена пријава за пожар на отворено кај месноста позната како „Трафостаница – Дуброво“ во Општина Неготино што, според пријавителот, бил со големи размери. Пожарникарите од ТППЕ Неготино веднаш излегле на терен“, велат од ЦУК.
Во атарот на село Дуброво, прецизираат, горела сува трева и шума.
-Заради засилениот ветер пожарот се проширувал со голема брзина. На терен интервенирале Територијалната противпожарна единица ТППЕ Неготино со 12 пожарникари и три противпожарни возила, а на помош биле на терен и пожарникарите од ТППЕ Кавадарци со три пожарникари и едно теренско (4х4) возило.
Заеднички, храбрите пожарникари од Неготино и од Кавадарци го ставиле огнот под контрола и ја отстраниле опасноста по населеното место,а потоа и го изгаснале“, посочуваат од ЦУК.
Заради обилните врнежи дожд, од друга страна, што ја зафатија Општината Дебар и околината Регионалниот ЦУК Дебар информира дека има поплавено неколку подруми во населбата „Венес 2“ и во другиот дел од градот на терен се излезени екипи од ЈП „Стандард“ и пожарникарите од ТППЕ Дебар, но немало некои поголеми материјални штети.
„Исто така, од големите врнежи во атарот на село Долно Косоврасти реката којашто доаѓа од атарот на село Горно Косоврасти излегла од своето корито и го поплавила патот и блиската околина до течението со вода и со наноси од земјена и камена мешавина – лава/кал.
На местото на настанот било веднаш интервенирано со градежна машина – булдожер од „Кнауф Дебар“ и со приватни камиони, по што патот и коритото на реката се исчистени и патот бил повторно прооден“, велат од ЦУ.