Откако ги исцрпивме сите можности во рамки на ДУИ, логичен редослед на настаните е да продолжиме политички да делуваме надвор од партијата, вели за „Фокус“ пратеникот и еден од фронтмените на „огнената група“ Изет Меџити, кој денеска почна постапка за формирање на ново политичко движење, кое во суштина ќе биде класична политичка партија.
-Веќе целосно е стестен просторот за делување на ДУИ, каде како фракција баравме промени во партијата, на начинот на одлучување и функционирање. Но, сите можности за да предизвикаме промени ги исцрпивме, а тие не исклучија од партијата – вели Меџити.
Тој додава дека како „огнена фракција“ имале единствен став дека ако не успее нивната борба во рамки на матичната партија, тогаш им останува единствена опција да формираат нов политички субјект.
-Ако некој од нас сега мисли поинаку, дека не треба да формираме ново движење, дека треба да продолжи да делува како фракција во ДУИ, додека од ДУИ велат дека фракции се забранети и невозможни, тогаш тој и тие треба да ги образложат причините за таквиот став – истакнува Меџити.
Инаку, против идејата за нов политички субјект се градоначалникот на Сарај Блерим Беџети, поранешниот вицепремиер Муса Џафери и ексградоначалникот на Гостивар Невзат Бејта, но, според Меџити, на, условно кажано, негова страна се градоначалникот на Чаир Висар Ганиу, пратениците Мерита Коџаџику и Кастриот Реџепи, структурите во Гостивар, Тетово и секаде каде имале активности.
-Новото политичко движење во суштина ќе биде политичка партија, кое ќе се залага за истите принципи што ги застапувавме како фракција овој период и ќе ги артикулира барањата на граѓаните – најавува Меџити, кој воедно ни изјави дека тој ќе биде лидер на партијата, која веќе има поставено основи за соработка со опозициските Беса и Алтернатива.
„Фокус“ веќе објави дека триото Беџети-Џафери-Бејта смета дека може да имаат успех ако делуваат внатре во ДУИ, а нова партија ќе биде осудена на неуспех. Воедно, тие веруваат дека Меџити требало да влезе во трка за нов мандат на чело на чаирскиот огранок, а не да го бојкотира процесот. Иако избори се одржаа во десетина ограноци, случајно или не, меѓу нив не беше оној во Сарај.
Што ја расипува кохезијата на „огнената група“ во ДУИ?
Влатко Стојановски