Текстот е објавен на втори септември 2011 во неделникот „Фокус“ во бројот 844
Пишувала
Славица ДУЉАНОВА
Каква машинерија се вмровциве, бре! Ги побарав телефонските броеви на тројцата пратеници од дијаспората, кои многу скапо ги плативме. Чисто да видам, вредеа ли парите, оти пратенициве не зуцнаа во парламентот, освен Манчев, пратеникот од Европа, кој деновиве го слушавме за Законот за дивоградби. Другиве барем јас не сум ги слушнала!
Прво го побарав пратеникот од Австралија – Мики. Ми вели, добро, може интервју, пратете ми ги прашањата по електронска пошта, да се консултирам со партијата, знаеш како е! А јас, пак, вџашено му одговарам: „Со партијата?!”. Тој, пак, веднаш се поправа: „Не, не…”.
Откако во партијата најверојатно проценија дека прашањата не се за одговарање, Мики реши да се прави ербап, па ми вели, а на која адреса ги пративте, не, не сум добил никакви прашања! Откако повторно му ги испратив прашањата, повторно не знаеше да ми каже кога ќе одговори. „Ако не сакаш да ги одговараш, кажи – велам – не е крај на светот!”. Тој повторно не се дава, туку уште толку се плетка. Не, не… и, на крајот, го прекина разговорот. Најверојатно батеријата на телефонот му се потрошила!
Другиве „срцки” – Манчев од Европа и Саздов од Америка – љубезни на телефон. Нема проблем. Искрено, не ни очекував одговор од овие „душички”. Но, ај да не ги зарекувам, можеби ќе одвојат од своето скапоцено пратеничко време, па некогаш ете ќе ми пишат одговор. Од Центарот за комуникации на ВМРО, де! Јас чекам, чекам … и кога, оп, стасува СМС од пратеникот Манчев.
Барем беше доблесен да ми каже. Не сакал да ми даде интервју, прашањата биле неточни, претенциозни и субјективни! Вистина е, човекот е во право, но затоа, пак, како народен избраник, имаше шанса да ја раскаже својата приказна. И аргументирано да ми докаже дека не сум во право!
ПАК ЈА ИЗБРЗАВМЕ!
Тројцата пратеници од дијаспората, како што се претпоставува, ги плативме како за триесеттина пратеници. Се калкулира со сума од 1, 5 милиони евра, оти нема официјална бројка колку чинат. Тоа се многу пари, ако знаеме дека за парламентарните избори државата платила 2, 5 до 3 милиони евра. Парите отидоа за авионски трошоци, за државната администрација, за дневници, за огласи и за други оперативни трошоци. Барем да имаше некаков ефект од овој трошок, кој секако ќе го плаќаме сите ние, од наш џеб.
Иако експертите алармираа дека државата не е спремна да организира избори во дијаспората, власта си ја истера својата агенда и си избра тројца пратеници! Тие ќе бидат само декор, алармираше професорката по уставно право Тања Каракамишева, објаснувајќи дека доколку дијаспората дадеше повеќе пратеници, на пример пет или десет, тогаш тие ќе можеа да внесат посуштинска дебата околу прашањата што ги мачат иселениците, додека тројца пратеници нема да променат ништо!
Таа предупредуваше дека има многу правни недоречености, на пример – како ќе се одвива кампањата, како ќе се финансираат политичките партии или листите на независни кандидати, кои би дале свои претставници во македонското Собрание..!
Од први септември 2009 година, македонските иселеници имаат право на глас. Македонскиот модел беше земен од Хрватска и од Бугарија, иако кај нив се водеа и сè уште се водат сериозни дебати за укинување на правото на дијаспората да гласа, оти се покажало како непродуктивно.
Аналитичарот Бошко Пицула од Хрватска предупредуваше дека една од најважните работи за успешно гласање на дијаспората е точната евиденција на иселениците. Тој нè посоветува проблемот да го решиме со попис на населението. Но, македонските експерти предупредуваа дека пописот и избирачкиот список се две различни статистички операции.
Секако, во пописот ќе влезат само оние македонски државјани што се во странство повеќе од една година, додека во избирачкиот список влегуваат оние граѓани кои се надвор од земјата повеќе од една година. Но, што направивме ние? Прво си направивме избори, а допрва ќе се броиме колку сме. Во Хрватска нема фиксна квота, колку пратеници можат да бидат изгласани од хрватските иселеници. Така, од максималните 14, на последните избори биле избрани 5 пратеници.
Од партиите, само либералдемократите бараа укинување на гласањето на дијаспората. И тие, како и Државната изборна комисија, предупредуваа дека целиот проект многу скапо ќе ја чини државата и оти нема доволно конзуларно-дипломатски претставништва во странство, за секој да може да го оствари своето граѓанско право.
Партијата предупредуваше дека Министерството за правда не знае колку гласачи има во дијаспората, ниту пак се знае како ќе се изведат изборите, како ќе се транспортира гласачкиот материјал… Другите партии калкулираа и не собраа храброст да пресечат, оти се плашеа дека на тој начин однапред ќе ги загубат симпатиите на иселениците!
Реагираше и Дарко Алексов од Граѓанската асоцијација „Мост”. Дали граѓаните кои се наоѓаат во државите каде нема дипломатско-конзуларни претставништва ќе имаат еднаков пристап кон гласачките места, како оние кои се наоѓаат на места каде што има? Ова е во спротивност со Копенхашката конвенција за човекови права, предупреди тој.
НИКОЈ НЕ ЈА ЗНАЕ ТОЧНАТА БРОЈКА НА ИСЕЛЕНИЦИ
Имаше три варијанти како да биде гласањето во дипломатско-конзуларните претставништва, преку пошта или електронски. Секако, првата варијанта власта најмногу ја форсираше, иако Венецијанската комисија ја отфрли, бидејќи технички не бевме подготвени за тоа. Освен во дипломатско-конзуларните претставништва, имаше варијанта да се гласа и во македонските цркви, но за тоа беше потребно да се дозволи екстериторијалност, која тешко ќе можеа да ја дозволат странските држави.
Дека сите граѓани нема да можат да го остварат своето право предупреди и професорката Гордана Сиљановска, во дневниот весник „Нова Македонија”. Точно е дека во светот постои тренд на гласање на дијаспората, најпрво поради остварување на избирачкото право и на државјаните што се надвор од својата земја, но постојат и показатели дека овој систем што првично го избравме, ќе ни создаде многу проблеми, рече таа и додаде дека излезноста на овие граѓани на избори е многу ниска, бидејќи сите настојуваат да ги остварат своите права во местата каде што живеат. За некои избирачи дипломатско- конзуларните претставништва ќе бидат на голема далечина, што за луѓето кои не сакаат да гласаат е тешко остварливо.
Дури и иселениците предупредуваа дека нема да може сите да си го остварат правото, поради далечината и трошоците. Некои од кандидатите се жалеа дека не можат да се кандидираат како независни, оти мораат да соберат 1.000 потписи , што според нив е невозможна мисија, па затоа мораа да прифатат да бидат кандидати на партиите.
Друг проблем настана и со огласувањето во странските весници. Според правилата на ДИК, огласот треба да биде објавен на еден трите најтиражни весници во странската земја, на не помалку од четвртина страница, со цел да се информираат македонските државјани. Потоа се пријавуваат по електронски пат.
Проблем настана со Грција и со НР Кина. Спорот со соседната земја беше пречка за објавување на оглас, па затоа македонското МНР телефонски ги информираше македонски државјани, но само тие кои се евидентирани во дипломатските претставништва во Солун и во Атина. Не се знаеше како ќе се информираат тие што подолго престојуваат или се со привремен престој, а не се пријавиле. Проблемот со Кина беше што во оваа држава уставот не дозволува објавување на оглас на друг јазик во медиум.
Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, кон крајот на април годинава, јавно побара Заводот за статистика и МВР да му достават електронска верзија на избирачкиот список, за да може на време да се означат оние македонски државјани што ќе гласаат во странство, да се тргнат од домашните списоци.
Но, МВР и Министерството за правда тврдеа дека списоците се прочистени уште во март. Бројките од ДИК а, добиени од МНР, за оние македонски државјани кои се пријавиле дека излегле од земјава, се сведуваат на цифрата 82.000. Но, оваа не е вистинската бројка на иселеници, претпоставките се дека во прекуокеанските земји има околу 600.000 Македонци. Статистичките податоци на Америка, Канада , Австралија и Нов Зеланд даваат бројка од 180.000 нашинци. Во Европа, според статистичките податоци, живеат околу 240.000, а се прет-поставува дека нивната бројка е околу 280.000 Македонци. Според МНР, на Балканот живеат над 2 милиони Македонци, а статистиката на соседите покажува дека Македонци има над 200.000 .
КОИ СЕ ТРОЈЦАТА ПРАТЕНИЦИ?
Македонија низ светов има 49 дипломатско-конзуларни претставништва. Оваа бројка е мала за да ја покрие дијаспората. Луѓето кои живеат на поголема оддалеченост требаше да патуваат стотици километри за да стигнат на гласање. Со кола или авионски, кој превоз и да го избереа, требаше да прават трошок кој ќе го платат од свој џеб. Затоа трите пратеници освоија малку гласови – вкупно 2.579. И сите тројца се од ВМРО-ДПМНЕ.
Павле Саздов е роден во 1983 година во Скопје. По струка е информатичар. За него се зборува дека власта го токмела да биде пратеник и затоа го повикале во Скопје, каде што работеше како државен секретар во Министерството за информатичко општество. Се шпекулира дека Саздов не е многу познат во дијаспората, оти бил инволвиран во македонската комуна. Но сепак, за разлика од своите противкандидати. освои најмногу гласови – 560, од нашинците од Северна и Јужна Америка.
Неговата кандидатура беше спорна, поради двојното државјанство. Тој е државјанин и на Канада. Амбасадорот на Канада, Џон Морисон, наводно изјавил дека не е среќен нивни државјанин да учествува во политичкиот живот на туѓа земја. Така што во иднина може да биде побарано од пратеникот да се откаже од канадското државјанство.
Излезноста на американскиот континент беше 54 проценти, од евидентирани 1.824 гласале – 994!
Милорад Мики Додевски е роден во Скопје во 1978 година. По струка е економист. Некои од медиумите се обидуваа да му го оспорат факултетот. Иако се фалеше, не ја покажа факултетската диплома. Барем никој од медиумите не ја објави. Во јавноста се расчу дека човекот е билдер. Но, билдер или не, тој си победи, освои 548 гласови и ги претставува иселениците од Австралија и од Азија.
Најмногу поплаки за победата на Додевски имаше од неговиот противкандидат Ицо Најдовски, кој изјавуваше дека не очекувал африкански начин на избори во Австралија. Тој изборите ги прогласи за нелегитимни и пред време наместени, а како главни виновници ги посочи амбасадата, конзулатот, македонското Министерство за надворешни работи и Македонската православна црква!
Фановите на Мики, според кажувањата на Најдовски, биле на возраст од над 60 години и на гласање оделе организирани со автобуси. „Резултативе се за Гинис. Во Канбера добив еден глас, а анонимниот Милорад Додевски дури 101”, се жалеше Најдовски.
Ристо Манчев, пратеникот од Европа, е градежен инжинер. Потекнува од Струмичкото село Дабиле, роден е во 1969 година. За него прв пат слушнавме два-три месеци пред изборите. Тој, во некои од провладините медиуми. го нападна претседателот на Обединета дијаспора, Мето Коловски, кој остро ја критикуваше власта поради ставот на владата за промена на името пред самитот на НАТО во Букурешт.
Манчев тогаш за Коловски изјави: “Незрели изјави од нездрави луѓе”. Дали целта беше да се извалка името на Коловски, кој ужива углед кај македонската дијаспора, заради стравот да не го кандидира опозицијата , може само да се претпоставува, оти, сепак, ставовите на Коловски секогаш биле поблиски до ВМРО-ДПМНЕ.Споредено со неговите колеги од дијаспората, Манчев освои најмногу гласови – 1.465.
И така, кој гласаше, гласаше – кој не гласаше, никому ништо. Новите пратеници не донесоа нови ветришта. Толку пари се потрошија залудно. Но, на власта не ѝ е гајле, парите не ги дадоа од џеб. Граѓаните ќе си платат, како што сме си плаќале и до сега!