Изборот на геј премиерка предизвика хаос во владеачката партија на Србија

by fokus

Изборот на Ана Брнабиќ за премиерка на Србија предизвика хаос во владеачката Српска напредна партија (СНС). Претходно и шпекулациите за нејзин избор наидоа на несогласување од страна на повеќе партии, па и од Српската Православна Црква.

Хаосот и несогласувањето, меѓудругото, доаѓаат и поради тоа што новоизбраната премиерка е припадник на геј заедницата.

Српски „Блиц“ објави дека шест членови на партијата Единствена Србија, чиј лидер е Драган Марковиќ Палма, нема да гласаат за изборот на Брнабиќ за премиер, а единство по ова прашање нема ни во партијата на Вучиќ – СНС.

„Хаос е во партијата. Оваа одлука беше изненадување за многумина. Малку е веројатно дека сите наши пратеници ќе гласаат за неа“, изјавил за „Блиц“, извор од врвот на партијата.

Изборот на Брнабиќ може да биде доведен во прашање, ако постои сценарио во кое 30тина пратеници на СНС му откажат послушност на Вучиќ.

Вучиќ изјавил дека костурот на Владата ќе остане ист, со тоа што Брнабиќ ќе го води економскиот дел, преговорите со ММФ, како и процесот на дигитализација, а суштинскиот политички дел ќе го води Ивица Дачиќ.

Мандатарот во наредните неколку дена треба да ги соопшти членовите на неговиот кабинет, а претседателот на парламентот треба да свика седница на која ќе биде избрана новата Влада.

Поврзани новости