Пишува
Рамадан РАМАДАНИ
Поради тајноста на врската меѓу верата и општеството, а тука кај нас и поради неочекуваноста, се случува оваа тема некогаш да биде запоставена. Иако е многу важна, а кај нас дури и неочекувана. Тамам ќе помислиш дека нема никаква верска врска, кога тоа и Пимен се потпишал за Иванов, па дури и крадењето цветови во „Карпош“ испаѓа дека е дело на секташи?! Наречени така од страна на еден градоначалник, кој се кандидираше со позајмен печат од една српска партија?!
Но, цветовите, колку и да се убави, остануваат само детаљ во целата слика на верското во јавноста, каде што деновиве целосно господари поглаварот на ИВЗ со слики и со автопортрети. Облечен со разни облеки, од жолти носии, кои во исламската терминологија биле облека на абдали кои веќе немаат промислени зборови и дела, па сè до камуфлажни војнички маици.
ИЗЛЕЗЕ ФЕЈСБУКОТ, СЕ ОТКРИ КОПУКОТ!
Многу години врхушката на ИВЗ, во текот на ваквите изборно-политички периоди во земјата, со испади во јавноста одбира да се истакне за да не биде заборавена како општествен чинител. Новиот момент е дека сега веќе имаме работа со бајаги одлепени појавувања, кои почнаа со позирањето во жолта облека, а кои сега преку Фејсбук се лесно достапни на увид на целата јавност.
Потесната јавност знаеше и порано за што станува збор таму и кој тоа таму зева, наместо да пее, но сега, со социјалните мрежи и со дотраеноста на кланот кој запоседнал една важна општествена институција, веќе стана очигледно за сите дека: излезе Фејсбукот, се откри копукот!
Но, за да биде ваквата очигледност јасна во секое време; дека таа важна и единствена службена адреса на сите муслимани во Македонија е запоседната од некој тесен, нереформиран и дотраен круг, кој е таму заборавен уште од времето на едноумието на комунизмот, има два проблема кои се провлекуваат во јавноста.
„ПУШТИ ГО БУДАЛАТА“ ИЛИ „НЕКА ГО БУДАЛАТА“
Првиот проблем е перцепцијата, пресликана од односите на државата со МПЦ, дека, сепак, како било или некако, ИВЗ е под влијание на албанските политички фактори. Нешто што никако не е точно. ИВЗ е запоседната од луѓе кои веќе ја имаа завршено кумровската школа кога овие сегашниве политичари првпат дознаа каде е Кумровец. Сите општествени процеси и институции во владение на овдешните Албанци се променети, освен ИВЗ, во која сè уште царува стариот систем на СР Македонија, по 1987 година.
Другиот проблем е долгогодишниот став на институциите на системот кон нелегалноста и нелегитимитетот, кој се инсталираше преку еден конституционален пуч направен од страна на врхушката во 2008 година. Тогаш, кога за да избегнат од влијанието на можниот резултат од изборно-политичкиот процес во земјата, го сменија внатреинституционалниот правилник, но без никаква запазена легална форма или практика од стариот „Устав“ на ИВЗ.
Токму таа целосна нелегалност се толерира од сите институции на системот, од Републичкото обвинителство, па сè до Комисијата за лустрација, преку МВР и МНР, кои му овозможуваат годишна стипендија во форма на пљачкосување аџии, граѓани на Македонија, под превезот на продавање на бесплатните визи за аџилак. Сета таа хипокризија на овие институции се сака да се амбалажира во став кој би требало да звучи: ма, пушти го будалата!
Но, најголемиот проблем потоа е што со дозволување на ваквото проблематично верско претставување на цела една третина од граѓаните, тој став на институциите веќе почна да се чита меѓу припадниците на исламот во Македонија како: ма, нека го будалата?!
Тоа читање кое веќе создава голема недоверба од страна на една третина од вкупниот број на граѓаните кон институциите кои дозволуваат некој вака, при запоседнат печат за претставување, да ги посрамоти. Чувство кое доведува до последици кои може да бидат многу повеќе од неколкуте цветови во некоја општина. Верувајте ми на оџински збор или гледајте светски вести, исто ви се фаќа.