Отворањето на стари рани може да ја загрози стабилноста на Балканот, порача претседателот Ѓорѓе Иванов на приемот на членовите на дипломатскиот кор во Струга, повикувајќи ги ЕУ и НАТО повеќе да се посветат на овдешните случувања.
– Ние на Балканот го чувствуваме отсуството на Европската Унија и на НАТО, што може да ја загрози стабилноста на Балканот. Во последниов период слушаме реторика и гледаме постапки кои по многу нешта потсетуваат на периодот што мислевме дека е далеку зад нас – периодот на распадот на една заедничка поранешна држава. Долго време не ги коментирав изјавите и постапките на некои политичари од соседството затоа што верував дека само со игнорирање можат да се изолираат – рече Иванов.
Затоа, во оваа прилика тој им порача на балканските лидери да се посветат на сопствените внатрешни предизвици, а не да се занимаваат со Македонија.
– Наместо енергијата да ја трошат занимавајќи се со слабостите на другите држави, некои лидери од соседството е подобро најпрво да се свртат кон слабостите на сопствените држави. Граѓаните ги избрале за да ги решаваат нивните, а не проблемите и предизвиците на другите држави, порача Иванов.
Тој додаде дека Македонија била подготвена да им помогне на соседите на тој план, со како што рече, нејзините позитивни искуства и научени лекции.