Иванов со остри критики кон ЕУ го пречека Жбогар

by fokus

Претседателот Ѓорге Иванов денеска го пречека новиот евроамбасадор Самуел Жбогар, но наместо протоколарно добредојде, шефот на државата му упати остри критики кон Европската Унија.

Иванов се пожали од блокадата на македонските евроинтеграции, за која рече дека дополнително ја зголемува политичката нестабилност на државата.

– Верувам дека Унијата, и покрај сите предизвици со кои се соочува, ќе го исправи досегашниот погрешен пристап кон Македонија. Во спротивно, доколку Македонија и по следните избори не добие датум и не ги почне пристапните преговори, прашање на време е кога ќе се соочиме со следна политичка криза – рече Иванов.

Претседателот го критикуваше и односот на ЕУ кон Македонија и во начинот на справувањето со мигрантската криза.

-Досега повеќепати имам изнесено и повторно ќе нагласам дека не сум задоволен од односот на ЕУ кон Република Македонија во поглед на справувањето со предизвиците што произлегуваат од актуелната криза со бегалците. Имавме разумни барања, поврзани со безбедносниот аспект на бегалската криза, кои значително ќе придонесеа кон безбедноста во Европа. За жал, нашите барања долго време беа игнорирани– рече Иванов.

Жбогар, од друга страна, рече дека Брисел очекува политичката криза што побргу да се надмине и земјата да се врати на евроатлантскиот пат.

– ЕУ со нетрпение очекува да се надмине долгорочната политичка криза преку Договорот од Пржино, посредуван од ЕУ и од САД и прифатен од главните политички партии, со јасни насоки во тој правец за одговорност и за ставање на прво место на интересите на земјата. Тие насоки се клучни не само за имплементација на овој договор, туку и за имплементирање на неопходните реформи за подобра иднина на вашите граѓани – порача евроамбасадорот Жбогар.

Поврзани новости