Иванов: Се трошиме се неодговорно однесување на поединци и политички партии

by Фокус

Шефот на државата, Ѓорѓе Иванов изрази незадоволство од неодговорното однесување на поединици и политички партии кои, според него само ја усложнуваат состојбата во Македонија и истакна дека конечно треба да се стави крај на политичката криза, за да имаме влада со целосен политички легитимитет и институции кои ќе можат да се справат со безбедносните предизвици кои ја очекуваат државата.

– Се соочуваме со бегалска и мигрантска криза која носи безбедносни ризици и недозволиво е такво однесување на тие што се нафатиле да бидат во политика. Политиката бара и одговорно однесување на секој поединец и на секој што е вклучен во носењето одлуки од интерес за сите граѓани – изјави тој и додаде дека граѓаните не можат да бидат заложници на нечии фрустрации и на деструктивно однесување – додава Иванов.

Според него, земјата ја очекува уште поголем бран бегалци и неопходно е институциите да се посветат на справување со безбедносните предизвици и да нудат решенија, а не дополнително да ги комплицираат состојбите.

– Нашите институции наместо да се преокупирани со тие безбедносни ризици и прашања, ние се трошиме во меѓусебни расправии, деструктивно однесување и дури, дозволете ми да кажам, гнасно однесување на поединци кои го злоупотребуваат она што им го дале граѓаните и ги избрале на функции – изјави Иванов.

Поврзани новости