Иако шефицата на европската дипломатија, Фредерика Могерини побара претседателот да ја повлече одлуката и да му го даде мандатот на Зоран Заев, на денешната средба Ѓорге Иванов и рекол дека нема намера да го направи тоа.
Како што стои во соопштението од кабинетот на претседателот, Иванов порачал дека мандатот нема да го даде „на некој кој преговара за платформи на други држави со кои се уценува Македонија, се загрозува суверенитет, независноста и унитарноста на државата.”
Претседателот се пожалил пред Могерини дека „ЕУ не го осудила мешањето во внатрешните работи на Македонија” и рекол дека сега има шанса за тоа.
-Отсуството на јавна осуда за флангрантното мешање во внатрешните работи на Македонија ги создава проблемите и води кон поширока дестабилизација, а со одредени неконструктивни изјави кризата се продлабочува. Ова е шанса ЕУ јавно и јасно да го осуди мешањето во внатрешната политика на Македонија и да ја повтори поддршката за неповредливоста на границите на Балканот – рекол Иванов.
Шефицата на европската дипломатија пак, побара Иванов да ја преиспита одлуката и да го додели мандатот на оној кој обезбедил парламентарно мнозинство.
Могерини апелираше и политичките лидери да внимаваат на реториката и да не дозволат институционалната криза да премине во меѓуетничка криза.