Иванов откри дека државата знаела за терористичката група од почетокот на 2015?!

by Фокус

Интегрално ви го пренесуваме денешното обраќање на претседателот Ѓорге Иванов, по оддржаната седница на Советот за безбедност:

„Почитувани граѓани на Република Македонија,

На почетокот би сакал во мое лично име и во името на граѓаните на Република Македонија, да изразам длабоко сочувство до семејствата на загинатите припадници на полицијата. Жарко Кузмановски, Ненад Серафимовски, Сашо Самојловски, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Исамедин Османи, Горан Стојменовиќ и Љубиша Аранѓеловиќ го дадоа животот за Република Македонија.

Слава им.

На седницата на Советот за безбедност на Република Македонија што заврши пред малку, на којa покрај членовите на Советот за безбедност, присуствуваа и претставници на политичките партии СДСМ, ДУИ и ДПА, се изрази најостра осуда за нарушувањето на редот и безбедноста од страна на поединци и групи, чија цел беше дестабилизација на Македонија.

За заклучоците од Советот за безбедност јавноста ќе биде дополнително информирана. Сите надлежни институции од сферата на безбедноста имаа конкретни насоки за соодветно постапување во рамките на нивните законски надлежности.

Спречена е намерата за координирани терористички напади на различни локации во државата, кои имаа за цел предизвикување сериозна дестабилизација, хаос и страв. Со преземената акција полицијата имаше за цел да спречи и цивилни жртви. Заради ова, беа претрпени човечки и материјални загуби.

Во изминатиот период имав безбедносни консултации на редовна, но и на вонредна основа, за намерата на оваа група, при што беше констатирано дека оваа група нема поддршка ниту во Република Македонија, ниту во регионот. Знаевме дека групата е сочинета од екстремно-криминални поединци со исклучително воено искуство и вештини. Во ниеден момент и на ниеден начин не ги потценивме, ниту можноста, ниту намерата и капацитетите на оваа група да извршат терористички напади. Затоа беше со толкав обем и акцијата за нивно неутрализирање. Затоа, за жал, плативме висока цена со човечки животи.

За оваа група во почетокот на 2015 година писмено информиравме 17 партнерски служби на земјите од Европската унија и НАТО, како и земјите во регионот. Можам да констатирам дека размената на информации, со цел да се изврши превенција на намерите на групата не даде резултат.

Почитувани,

На Република Македонија овие два дена и се случува она на што предупредував уште пред неколку месеци, во моето обраќање на Советот за безбедност во Обединетите нации.

Сторителите и сите инволвирани во овој терористички чин скапо ќе платат за тоа што се обидоа да и го сторат на Република Македонија и нејзините граѓани.

Сакам јасно да ставам на знаење – нема да дозволиме ескалирање на тензиите. Правиме сè што е потребно за да не дојде до дестабилизација на државата и нарушување на меѓуетничките односи.

На тој пат неопходна ни е помошта од вас, граѓаните на Република Македонија. Потребно ни е трпение, воздржаност, мудрост.

На тој пат потребна ни е поддршката од лидерите на политичките партии, да се однесуваат одговорно и да бидат на висина на очекувањата на граѓаните.

На тој пат потребна ни е поддршката од вас, од медиумите, да бидете на нивото на професионалноста и на одговорноста што ја имате.

На крај, на тој пат ќе ни биде потребна поддршката и од меѓународната заедница. Со години ги предупредувам дека статус-кво ситуацијата во евроатлантските интеграции ни создаваат фрустрации во политичкиот и меѓуетничкиот живот и нè прават ранливи и подложни на обиди за дестабилизација.

Барам од меѓународната заедница, од Европската унија и НАТО, со најголема сериозност да се ангажираат и да најдат начин да ги деблокираат евроатлантските интеграции, за доброто на Република Македонија и на целиот регион.

Во тој правец барам целокупното македонско општество, особено политичките лидери, да пристапиме кон политички дијалог, кон надминување на сите слабости што во континуитет ги нотира Европската комисија.

Политичкиот дијалог во земјава предолго го нема. Крајно време е лидерите на политичките партии да почнат да разговараат и да бараат решенија за политичката криза.

Искрено жалам што требаше да дочекаме вакви моменти за да седнеме на заедничка маса. Тоа е тоа што граѓаните го очекуваат од нас.

Мора да се надминат тесно-партиските интереси. Да се обединиме околу највисоките цели – стабилна, просперитетна, европска и евроатлантска Македонија. За оваа цел да престанат личните и меѓупартиските конфронтации. Видовме што тие ни донесоа.

Нема оправдување за секој оној што не се однесува согласно овие цели.

За пофалба е денешното присуство на лидерите и претставниците на партиите на Советот за безбедност, кога се разговара за најсуштественото прашање на секоја држава, за безбедноста.

Одговорност за состојбите во Република Македонија мора да има. За сето она што е сторено, и за сето она што не е сторено, а требало да се стори.

Ги повикувам граѓаните на Република Македонија на разум и трпение, и да не подлегнуваат на провокации. Ве уверувам дека никој нема да ја избегне одговорноста.

Република Македонија била фактор на стабилност и соработка во регионот и пример за меѓуетнички соживот.

Тоа не смееме да го нарушиме.

Треба да одиме напред, а не назад, затоа што Република Македонија е единствената заедничка татковина што ја имаме.

Поврзани новости