Иванов на средба со членовите на владиниот тим за странски инвестиции

by Фокус

Шефот на државата, Ѓорге Иванов денеска ќе ги прими членовите на владиниот тим за странски инвестиции. Целта на средбата е координација и усогласување на надворешно – политичките активности, односно на економската дипломатија на македонскиот претседател со активностите на владиниот тим за странски инвестиции.

На средбата се очекува да бидат разменети идеи, мислења и иницијативи, со цел во рамките на дипломатските активности на претседателот Иванов да се засили неговата економска агенда. Имено, покрај досегашните традиционално добри трговски партнери на Македонија и земји од каде имаме присуство на странски инвеститори, да се одредат државите во кои е неопходно во наредниот период да се остварат посети, да се интензивираат контактите и да се унапреди правната рамка во насока на создавање соодветни услови за потенцијалните инвеститори, како и услови за пласман на македонски производи.

Согласно изборната програма, македонскиот претседател врши редовни консултации со претставниците на бизнис-заедницата и со релевантните министерства за тоа каде може да се пласираат македонските производи во светот. Во насока на унапредување на македонската економија, при секоја ‎службена и официјална посета во странство, како дел од делегацијата на претседателот Иванов, се селектираат и млади претприемачи, предложени од претпријатијата и стопанските комори.

Поврзани новости