Шефот на државата, Ѓорге Иванов денеска ќе ги прими членовите на владиниот тим за странски инвестиции. Целта на средбата е координација и усогласување на надворешно – политичките активности, односно на економската дипломатија на македонскиот претседател со активностите на владиниот тим за странски инвестиции.
На средбата се очекува да бидат разменети идеи, мислења и иницијативи, со цел во рамките на дипломатските активности на претседателот Иванов да се засили неговата економска агенда. Имено, покрај досегашните традиционално добри трговски партнери на Македонија и земји од каде имаме присуство на странски инвеститори, да се одредат државите во кои е неопходно во наредниот период да се остварат посети, да се интензивираат контактите и да се унапреди правната рамка во насока на создавање соодветни услови за потенцијалните инвеститори, како и услови за пласман на македонски производи.
Согласно изборната програма, македонскиот претседател врши редовни консултации со претставниците на бизнис-заедницата и со релевантните министерства за тоа каде може да се пласираат македонските производи во светот. Во насока на унапредување на македонската економија, при секоја службена и официјална посета во странство, како дел од делегацијата на претседателот Иванов, се селектираат и млади претприемачи, предложени од претпријатијата и стопанските комори.