Mандатот за формирање Влада нема да биде врачен сè додека правните и политички пречки не бидат отстранети, изјави денеска претседателот Ѓорге Иванов.
– Сè додека тие пречки не бидат отстранети јас не можам да донесам одлука која што ќе биде оспорена. Ако биде оспорена една таква одлука, тогаш ќе биде отворено прашањето за моја одговорност. Затоа барам и инсистирам правната и политичката пречка да бидат отстранети. Јас сум под заклетва и ќе го почитувам она што е уставен поредок на Република Македонија – рече Иванов по денешната средба со претседавачот на Претседателството на БиХ Младен Иваниќ.
На новинарско прашање дали чувствува одговорност во врска со последиците од кризата, Иванов рече дека тој го почитува Уставот и праксата од 1992 година и дека не чувствува одговорност за кризата.
Според него, институционалната криза, како што рече, ќе ја немавме доколку ја немаше платформата која од политичка криза не воведе во институционална криза.
– Јас го почитувам Уставот и праксата создадена во 1992 година. Тоа им го кажав и на сите претставници на партиите кога беа на консултации. Треба да се почитува тоа што е во Уставот и роковите предвидени во Уставот и преседанот направен во 1992 година. Надвор од тоа, која било донесена одлука доведува до прашање за моја одговорност – додаде Иванов.
Тој повтори дека поради платформата која што се појави после парламентарните избори Македонија не може да се избере претседател на парламентот, ниту пак, да почне процесот за создавање на влада.
– Едно е политичката криза која што ја решивме со изборите на 11 декември, а со платформата добивме институционална криза. Јас тука не чувствувам одговорност бидејќи го почитувам Уставот и тоа што се бара од мене, а ги имам предвид и одлуките на Уставниот суд и затоа не смеам да донесам одлука која што ќе биде оспорена од кого било – изјави Иванов.