МВР: Пријател, колешка и братот на осомничениот Бобан С. помагале во грабежот на НЛБ

by fokus 14:51
14:51

Тројца му помагале на Б.С. да го изведе најголемиот грабеж од трезорот на НЛБ Банка, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи (МВР).

Единицата за економски и компјутерски криминал, како што вели МВР, до надлежното Основно јавно обвинителство поднесе писмено известување за лицата: Г.С. (43) брат на првопријавениот Б.С., за Е.П. (24) вработена како банкарски комерцијалист во НЛБ Тутунска Банка и за Б.М.(38), пријател на првопријавениот, сите од Скопје, за кои постојат основи на сомнение дека извршиле кривично дело „затајување“ и „помагање“, со што на првопријавениот Б.С. директно му помогнале во извршувањето на кривичното дело со кое противправно се стекнал со имотна корист од 2.400.000 швајцарски франци и 645.000 евра.

- Advertisements -

МВР соопшти дека , на 4 април годинава, Б.С. околу 17 часот на шалтерот на кој работела пријавената Е.П. се информирал за курсот на еврата и швајцарските франци, со образложение дека некој негов пријател сакал да направи конверзија на евра во швајцарски франци, но наводно не знаел кога тој би ја извршил конверзијата. После половина час, првопријавениот Б.С. заедно со неговиот брат Г.С. пристапиле кон шалтерот при што Г.С. на пријавената Е.П. ѝ предал 95.000 евра заедно со негова лична карта, за преку неговата трансакциска сметка да изврши конверзија во швајцарски франци.

Откако вработената ја направила потребната нарачка со електронски налог до трезорот, Б.С. ѝ кажал дека парите (100.000 швајцарски франци, конвертирани 95.000 евра) тој лично ќе ги земе од трезорот без да ги пушти по воздушната цевка како што била процедурата. Од страна на Г.С. биле потпишани сите потребни документи за паричните средства, а Е.П. ги задржала 95.000 евра во благајна, по што по завршување на смената поради обезбедените банкарски исправи, уредно попишани дека извршила конверзија, немала кусок на благајната, ниту пак имала вишок пари.

Од извршениот увид во снимките од видео надзорот во банката, констатирано е дека додека Г.С. е на шалтерот на банката и се врши наводната конверзија, а кога на смена во трезорот е неговиот брат, пријавениот Б.С. од трезорот ниту се изнесуваат 100.000 швајцарски франци ниту пак Е.П. му исплаќа пари на Г.С. (наводните 100.000 швајцарски франци) како би се завршила конверзијата.

Всушност, на овој начин е овозможено затворање на претходно настанатиот кусок од 100.000 швајцарски франци во трезорот направен од првопријавениот (првиот затаен износ од авионската пратка од вкупно 1.000.000 швајцарски франци).

На 07 април 2017 година во попладневните часови додека Е.П. била на смена повторно постапувајќи по упатства на Б.С. преку системот на достава од трезорот кога на смена бил тој, примила пари во апоени од по 500 и 100 евра, вкупно 375.000 евра, за кои таа без да подготви било каков банкарски документ за потреба од вакви средства во благајната и без да биде изготвен документ за исплаќање на парите од трезорот, на рака му ги предала на Б.С. по што тој овие пари ги присвоил за себе и се оддалечил од експозитурата на банката.

На 10 април 2017 година, Б.С. откако противправно присвоил уште 2.000.000 швајцарски франци и 270.000 евра од девизниот трезор и овие пари ги ставил во украсна кеса околу 13 часот незабележан од никого ја напуштил банката. По напуштањето на банката, кесата со парите му ја предал на неговиот брат Г.С., кој пак му ги предал на третопријавениот Б.М. Наредниот ден на 11 април после 14 часот на граничниот премин „Табановце“ со Србија, со моторно возило „фолксваген голф“ ја напуштил територијата на РМ. Во текот на вчерашниот ден Б.М. бил лишен од слобода и е изведен пред судија на претходна постапка.

Од страна на СВР Скопје – Единица за економски и компјутерски криминал во координација со Основното јавно обвинителство во Скопје и понатаму се преземаат мерки за целосно расветлување на кривично правниот настан, за утврдување на кој начин од банката Б.С. изнел дополнително и уште 300.000 швајцарски франци, се вели во полициското известување.

Поврзани новости