Иванов ќе ја предводи македонската делегација во Рим на утрешното прогласување на Мајка Тереза за светица

by Фокус

Претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, утре ќе ја предводи македонската државна и црковна делегација, која ќе присуствува на церемонијата на канонизација на Мајка Тереза, соопштија од претседателскиот кабинет.

„Македонската државна и црковна делегација на плоштадот „Св. Петар“ во Ватикан ќе присуствува на церемонија на која поглаварот на Римокатоличката црква, Папата Франциск, ќе ја прогласи Мајка Тереза за Светица. Како земји на нејзиното раѓањепотекло и мисија, Република Македонија, заедно со Република Албанија и Република Индија ќе имаат посебно место на оваа свеченост“, стои во соопштението од кабинетот на Иванов.

Покрај него, на свеченоста ќе присуствуваат министерот за надворешни работи, Никола Попоски, министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, делегации на Католичката црква во Република Македонија и на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, градоначалникот на Град Скопје, член на фамилијата на Мајка Тереза, а своето присуство го потврдија партиските лидери Никола Груевски, Зоран Заев и Али Ахмети.

Инаку, Мајка Тереза беше добитник на Нобелова награда за мир, а нејзиниот чудотворен карактер беше признаен од Римокатоличката црква. Церемонијата на беатификација на Мајка Тереза, која беше чекор кон нејзино прогласување за Светица, беше одржана на плоштадот Св. Петар“ во 2003-та година, на која присуствуваа над 300 илјади верници. Со свечената служба раководеше тогашниот поглавар на Римокатоличката црква, Папата Јован Павле Втори, додека на церемонијата присуствуваше и македонска делегација, предводена од претседателот Борис Трајковски.

Поврзани новости