Претседателот Ѓорѓе Иванов вчера попладне оствари средба со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, кој е во посета на Македонија поради бегалската криза. На средбата Иванов упати остри критики до Европската унија која бара од Македонија да прими повеќе бегалци, а притоа уште и ја нема исплатено ветената помош.
-Македонија ги трпи последиците од функционирањето на квотите за распределба на бегалци од нерегистрациите во Грција и од донесувањето на еднострани одлуки. Македонија не добила парични средства за справување со кризата, иако истите беа ветени на неколку наврати, рече Иванов.
Иванов побара Советот на ЕУ да го смета проширувањето не како техничко прашање, бидејќи Македонија е училишен пример за тоа како не треба да се постапува со земја кандидат за членство.
Претседателот на Европскиот совет вети дека Македонија ќе добие помош, но не прецизираше на каква помош мисли.
-Подготвени сме да обезбедиме многу повеќе откако ќе имаме проценка за вашите потреби. Ќе зборувам со земјите-членки на ЕУ за тоа што повеќе може да се направи во оваа смисла за да се осигураме дека нашата поддршка за вашата земја и за регионот ќе биде на исто ниво како предизвиците со кои се соочувате. Доколку сме сериозни и сакаме да го задржиме Шенген и патувањето без визи, тогаш мора да бидеме и сериозни и да им помогнеме на земјите кои се на првата линија како што е вашата, рече Туск.