Тие се лудаци

by lali

Од сите разговори што ѝ беа презентирани на јавноста, врз основа на кои секоја нормална јавност ќе ги осудеше луѓето, без разлика дали ги осудува политичарите, едно ќе остане да одекнува како ехо, една вистина што може да се повторува за сѐ и на секои пет минути, признанието на Зоран Ставрески: Ние сме лудаци!

Дали сте ја виделе зградата што не знам ни што е сместено во неа, изградена на местото на паркот до хотелот „Бристол“. Таа се раширила и се надвиснала, се оптегнала и се искривила така како што ѝ дал збиениот простор. Како да сакаш во чевел број 37 да ставиш нога, на кој ѝ одговара број на чевли 41. Ќе успееш некако да ја напикаш, но ќе се деформира. Зошто таа зграда е таква каква што е со еден агол свртена кон улицата и пикната меѓу толку совршено испланираните згради на Кензо Танге. Нема друг одговор на ова прашање, освен еден: Тие се лудаци.

Дали сте ја виделе зградата на ЕВН, чија фасада од мермер упорно ја лупат веќе со месеци за да ја заменат со ново лице, кое нема да биде компатибилно. Таа висока, стаклена, горда зграда, која одговара на комплетниот урбан контекст, сега ќе биде како старица што ја грабнал пластичен хирург и ѝ монтира лице на млада жена, ја пумпа со ботокс, ја касапи таму каде што има вишок кожа и ја исцртува неправилноста што дошла со годините. Таа сака достојно да старее, но тие не ѝ даваат. Тоа проверено не функционира, но што друго очекувавте.

Тие се лудаци.

По десет години владеење во кои народот за ништо не беше прашан, освен што беше уценет, осиромашен, претворен во клиент на власта, сега лицемерно се прави предизборна кампања во која се бара негова идеја. Рака за рака и рамо до рамо да чекореле тие груевци заедно со својот народ, кој отсекогаш за нив е „каков-таков“. Бараат идеја. Ова ви звучи перверзно од луѓе што не прашуваат ни сто државни денари како да потрошат, а камоли милијардите веќе заѕидани или складирани по банки. Ви се чини лудо како може да одат толку далеку во безобразлукот и во бескрупулозноста. Сѐ може да се очекува од нив.

Тие се лудаци.

На клиника на одделението КАРИЛ лежат болни за кои е речиси загубена секоја надеж дека ќе преживеат. Во ходниците стојат нивните најблиски избезумени од тага и болка очекувајќи некое чудо. Во чекалницата нема столчиња. Просторијата е темна, безмилосно студена и грозоморна. Да се бара сочувство од лекарите е нормално. Но, што да се очекува од министерот за здравство, кој никогаш не бил лекар, а и со емоциите има проблем. Како го избраа и со што мавта оној од кого зависат нашите животи, ако не со партиска книшка. Во кого се колне, ако не во својот шеф, без кого би бил никој и ништо. Првиот човек на македонското здравство, сите случаи ги решава пред камери плеткајќи се со устата и далеку од болничките соби во кои лебарките се неканети гости штом ќе се угасне светлото. Тоа е садистички и нечовечки. Не, тоа е логично кога се работи за нив.

Тие се лудаци.

Официјално, повеќе од 600.000 луѓе ја напуштиле Македонија во последниве десет години. Неофицијално, секој си знае по дома. Каде ви се пријателите, роднините, децата, дали очите ви истекоа на Скајп и имате ли абер од нив каде се, што се, што работат и како им е. Но, еве, власта веќе таксува нови пратеници од дијаспората, онаа нивната регистрирана. Да ги подмачкаат, ако не се снашле во туѓина. Ова е страшно, народот се осипува, секој би се замислил, би се покајал, би се потрудил нешто да промени, би признал, но не и тие. Зошто? Немаат тие сочуство за никого, а тие се впрочем дома и сите нивни, се разбира. Точно така.

Тие се лудаци. Но, да го употребуваме ова со внимание. Нивната болест е поинаква од таа што би барала класичен клинички третман.

 

Поврзани новости