Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, по повод верскиот празник Курбан Бајрам упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница реис-ул-улема хаџи Сулејман Ефенди Реџепи и до сите граѓани од исламска вероисповед во Република Македонија.
Иванов на него, на членовите на Ријасетот, муфтиите, имамите и на сите граѓани од исламска верoисповед во Република Македонија им упатува најсрдечни честитки по повод големиот исламски празник Курбан Бајрам.
-Најискрено посакувам празникот да го поминете во добро здравје, радост, среќа и хармонија, споделувајќи љубов со ближните. Како еден од најголемите празници во исламот, Курбан Бајрам ги потенцира човечките доблести – солидарноста и грижливоста, помагањето и дарувањето. Нека и годинешново празнување помине во духот на споделување и давање на сите оние кои имаат потреба од материјална поддршка, но и потреба од љубов и внимание. Би сакал токму на овој голем празник, уште еднаш, да го изразам своето уверување дека Исламската верска заедница и сите нејзини верници како нераскинлив дел од македонското општество и понатаму активно ќе придонесуваат за градење почит и разбирање помеѓу различните вери и етникуми во Република Македонија – се вели во честитката на Иванов.