СДСМ: Со двосменското работење граѓаните се ставаат во центарот на институциите

by fokus

Согласно одлуката на Владата предводена од СДСМ, Управата за јавни приходи, Царинската управа, градинките, Управата за водење матични книги, службите за издавање лични карти и пасоши во МВР и во одделенијата за одбрана на региони со градови и општини во Министерството за одбрана од денеска ќе работат двосменски, односно до 21.30 часот.

Од СДСМ велат дека со оваа мерка се следат потребите на граѓаните, а институциите стануваат вистински сервис на граѓаните.

„Двосменското работење на градинките и клучните државни институции ги следи современите текови и интересите на граѓаните. Тоа ќе значи дека граѓаните повеќе нема да имаат потреба да ја користат паузата за ручек или да земаат слободен ден само за да завршат некаква административна обврска. Родителите нема да имаат строго обврзувачко време во кое ќе ги оставаат и земаат своите деца од градинките со што ќе им се олесни исполнувањето на дневните обврски а на децата ќе им се обезбеди потребното соодветно згрижување“, велат од СДСМ.

Двосменското работење на клучните институции, додаваат од таму, го става граѓанинот во центарот на вниманието на државните институции.

„Оваа мерка радикално го менува пристапот на инситуциите кон граѓаните и докажува дека институциите постојат за граѓаните, а не обратно“, подвлекуваат од партијата.

Поврзани новости