Македонскиот претседател Ѓорге Иванов на денешното обраќање по повод Денот на Армијата на Република Македонија побара одговорност од институциите за управување со кризи и заштита и спасување поради поплавите.
-Не може да се дозволи целиот товар во справувањето со елементарните непогоди да паѓа врз Армијата и полицијата, кога во исто време имаат распоредени сили за заштита на државната граница. Неодговорно е да се трошат ресурсите на Армијата за да се штедат сопствените ресурси – порача претседателот Иванов.
Иванов упати повик до надлежните институции од системот за управување со кризи и од системот за заштита и спасување да постапуваат во согласност со своите законски надлежности.
– Се создаде навика при речиси секоја елементарна непогода прво да се ангажира Армијата. Тоа е, секако, израз на доверба дека Армијата успешно ќе ја изврши дадената задача. Како врховен командант можам со гордост да кажам дека Армијата секогаш ја оправдала оваа доверба. Но, што зборува оваа практика за подготвеноста на другите надлежни институции, рече во говорот македонскиот претседател.
Иванов ги повика институциите на неопходна зголемена соработка меѓу оние на централно и на локално ниво, истакнувајќи дека не смее да се чека катастрофата да се случи за да се дејствува реактивно.