Претседателот Ѓорге Иванов во Вила Водно, приреди ифтарска вечера по повод светиот муслимански месец Рамазан.
Иванов им го честиташе празникот на сите припадници на исламската вероисповед, истакнувајќи дека Македонија ја негува вековната традиција на соживот и заемно почитување меѓу сите граѓани, како едно мултиетничко општество.
Претседателот порачал дека како што знаеме да живееме со нашите најдлабоки верски и етнички разлики, така треба да научиме да живееме со нашите најдлабоки политички разлики.
„Верувам дека оваа позитивна лекција треба да им ја пренесеме и на другите наши политичари. Затоа што само така ќе ја продлабочуваме почитта меѓу граѓаните на Република Македонија“, порача претседателот Иванов.
На ифтарската вечер присуствуваа поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул улема Хаџи Ефенди Сулејман Реџепи, муфтии, претставници на јавниот и на политичкиот живот, како и претставници на бизнис заедницата и граѓанскиот сектор.