Иван се уште не знае како изгледаше Емилија, жената чие срце му беше донирано

by Frosina Fakova

Иван Огњановски (54) првиот пациент во земјава кој по пат на трансплантација доби срце од починат донор, се наоѓа во стабилна состојба, за ,,Фокус” информира неговиот син Васил.

Интервенцијата која се најде во центарот на вниманието на македонската јавност се случи пред 16 дена. Срцето кое сега чука во градите на Иван е од починат донор, од Емилија Динева од Дојран, која го изгуби животот по несреќа со мопед.

Васил вели дека неговиот татко се уште се наоѓа на интензивна нега, и целиот тим на лекари е фокусиран на него.

-Тој е стабилен, состојбата со срцето исто така е стабилна, се прилагодува на телото. За повеќе детали, рано е да се каже, се уште е на интензивна нега – појаснува синот.
Пред да се случи интервенцијата, Иван и неговото семејство единствено знаеле дека ќе добие срце од жена која починала во сообраќајна несреќа. Дури по трансплантацијата, од медиумите семејството на Иван дознало која е жената и тогаш за прв пат го виделе нејзиниот лик на фотографија.

Во разговор за ,,Фокус” истиот ден, Васил изрази голема благодарност за семејството Диневи и откри дека откако неговиот татко ќе биде добар, имаат желба се запознаат со блиските на Емилија.

Од информации од роднини на Емилија, дознавме дека таа доживеала несреќа одејќи на работа со мопедот. Удрила во бетонски ѕид, и поради тешко крварење во мозокот била четири дена во кома.

Околу тоа дали сега веќе Иван знае која е жената донор, дали ги видел фотографиите со нејзиниот лик и како реагира на целиот настан, Васил раскажува дека татко му знае само дел од приказната.

-Тој е се уште во многу чувствителна состојба. Знае дел од приказната, но не му е кажано се, поради осетливоста. Кај него во соба не може да се внесува ништо од надвор, ги нема видено фотографиите од Емилија, не го знае ликот на жената која му даде нов живот. Се уште е во шок од се што се случи. Го има целото внимание на лекарските тимови – ни изјави Васил Огњановски.

Вики Клинчарова

Поврзани новости