Поради неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против 31-годишен скопјанец.
Како што информираат од ОЈО, на 7 април, во домот на осомничениот, на улица „Метохиска“, биле пронајдени 226,89 грама марихуана во полиетиленски пакувања наменети за натамошна неовластена продажба. Освен ова, при претресот била одземена и една дигитална вага.
Од ОЈО дополнуваат дека надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд доставил предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, бидејќи постои опасност од бегство, можност да влијае врз постапката или да го повтори делото.
Лицето се товари за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори согласно член 215 став 1 од Кривичниот законик.