Загаден град, воздух, природа и општество со три погубни агенси: партизираност, корупција и манипулација. Нема ништо во македонското општество што не е партиски контаминирано. Испоганувањето и смрдеата, со години, се шират во сите институции, само што е помалку видливо…
Пишува: Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ
Исплива ѓубрето на виделина! Случајот со „Комунална хигиена“ во Скопје стана највидливиот дел од незапирливата девастација на општеството.
Полуграмотен и неписмен партизиран џган, под плаштот на борци за права, излегоа од дувлото и со мафијашко дивеење ја испоганија сурогат-државата.
По сценарио и режија на „патриотарите“ и нивниот лозунг „Ти си наша иднина, ти си наша судбина“, во духот на поистоветување на партијата со државата. Во перфидната политичка игранка, веднаш се вклучија нејзините градоначалници.
Аљазите веднаш добија поддршка од стерилниот Сојуз на синдикати, а им се приклучија и лица што не се вработени во претпријатието.
Партизираната полиција, наместо да интервенира, преговараше со бандитите. Но, затоа, пак, владејачките „државотворци“, посебно „тендерашите“, чии партиски војници се претежно вработени во Јавното претпријатие, глумеа недоветност со омерта.
ПАРАСПУР-СИСТЕМ
Единствени „машки момичиња“ излегоа градоначалничката Данела Арсовска и директорката на Јавното претпријатие, Косана Николиќ Мазнева, кои, за срам и блам, не добија поддршка од ниту една од бројните пропагандистички платенички (не)владини организации за права на жените.
Градоначалничката порача дека не може мафијаши да ја водат државата, а политиката да ги поддржува. Според неа, десетици фантомски вработени живееле и работеле во странство, а примале поголема плата од другите.
Директорката настапи со истата реторика, истакнувајќи дека „Комунална хигиена“, со години и децении била во заложништво на мафијашки структури.
Еден дел од вработените со децении примале плати во зголемен износ за работа во трета смена, дел од нив не доаѓале на работа, го блокирале редовното работење и не дозволувале да биде исчистен сметот во градот.
Загаден град, воздух, природа и општество со три погубни агенси: партизираност, корупција и манипулација. Нема ништо во македонското општество што не е партиски контаминирано.
Испоганувањето и смрдеата, со години се шири во сите институции, само што е помалку видливо: администрацијата, правосудството, здравството, образованието, културата. Сè е дубара, далавера и измама.
Параспур систем, во кој владејачките партии се поистоветуваат со државата, спроведуваат агенди на туѓи пропаганди и предавство на националните интереси.
По падот на еднопартискиот систем, поранешните комунисти не исчезнаа од политичката сцена, туку продолжија да владеат според моделот „Татковци и деца“.
Фамилијарен олигархиски концепт на одбрани поединци од дваесетина фамилии, создаден во средината на 1990-тите со криминална приватизација на општествениот имот, на кои подоцна им се приклучија и амнестираните терористи.
Нивни главни приоритети се задржување на власт, да се украде што повеќе и обезбедување долгорочни извори на финансии по заминувањето од политиката.
СПРЕГА СО ПОДЗЕМЈЕТО
Со текот на времето, ваквиот државен модел со избрани поединци што владеат со новосоздадената самостојна држава, почна да се вмрежува во мафијашките структури и организираниот криминал.
Апашите од власта стапија во спрега со подземјето, кое им дава логистика со закани кон нивните опоненти, претепување, уцени, рекетирање и ликвидации.
Надвор од овој систем на вмреженост се оневозможува егзистенција на бројни претприемачи и поединци. Тие се принудени да ги собираат трошките, бидејќи немаат пристап до големите државни проекти, тендери, банкарски кредити и државни субвенции.
Руиниран, гнил, испоганет систем! Разнебитен, корумпиран, изопачен, нефункционален, пропаднат материјално, морално и вредносно. Од неасално примитивно дејствување и однесување на опскурен политикантски и апашки полусвет.
Систем во кој три децении Македонците и другите „делови од народи“ гласаат за покакан живот со статус-кво мафијашките партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и дваесет години за нивната константа ДУИ.
Полуилегална тројна групировка од најмоќни луѓе, која одлучува за целокупниот јавен и таен живот во Македонија. Енормно влијание, кое се засновува на политичка, општествена, финансиска и мафијашка моќ.
Вмрежена во „македонскиот октопод“ на територијален и принцип на сфери на влијание, како политичка мафиократија, банкарска, градежна, здравствена, образовна, културна, спортска, екомафија. Кон нив асоцира и крим подземјето.
Психопатологија на квазиелити од полусвет, кој го испогани и преобликува посттранзициското македонско општество, со вградување на сите негативни стереотипи.
Ѓубре си е ѓубре. Тоа не е само историја на болеста на општеството, туку вистинска состојба на испоганет и екстатичен колапс. Еуфорија на распад до последен здив!