Исмет Рамадани: Не гарантирам за однесувањето на Албанците доколку не влеземе во НАТО и ЕУ

by fokus

Советникот на премиерот, Исмет Рамадани, вели доколку референдумот не успее и Македонија ги изгуби шансите за интеграција во НАТО и ЕУ, албанското етничко население би било многу незадоволно. Тој вели дека не може да гарантира за однесувањето на Албанците во тој случај и дека би следело нешто што нема врска, како што вели, со демократските процеси.

-Ова не е предупредување, туку мое мислење. Албанците ќе бидат коректни во целиот процес, меѓутоа ако не успее овој договор и ако ги губиме сите шанси за членство во НАТО и ЕУ тогаш не гарантирам за коректноста на Албанците во нивното однесување понатаму. Најодговорно велам пред јавноста ако не успее договорот и не успееме да добиеме членство, се ставаме на крстопат каде сосема нешто друго може да се случи што воопшто нема врска со демократските и евроатланските процеси. Затоа што ние друг сојуз немаме. Мислам дека овие што претендираат да не успее референдумот мора да излез пред јавноста и да им кажат на  граѓаните што тие мислат кога тоа не би успеало. Подобар договор Макеоднија нема да постигне, уште еден Ципрас тешко дека ќе се најде во грчката политичка фела, тука треба да бидеме многу јасни и да не си играме со емоциите на граѓаните – порача Рамадани во вчерашното гостување во телевизија Алфа.

Според него ВМРО-ДПМНЕ ќе мора да се врати на тоа што е интерес на државата и да се повлече од тесно партиските интереси или од интереси на клика која сега е надвор од раководните структури на партијата.

Во врска со изјавата на Зијадин Села и барањето во патните исправи да стои Албанци/граѓани на Северна Македонија, Рамадани порачува:

-Во овој договор Албанците треба да бидат малку толерантни и да сочувствуваат со Македонците, затоа што треба да се истакне тоа македонското во овој случај бидејќи се атакува во идентитетот, и треба меѓусебно разбирање за овие ситуации. Мислам дека Албанците се однесуваат многу коректно во целиот овој процес. Дури и мислам дека многу покоректно се однесуваа од некои политички парти настроени деструктивно. Од моето искуство знам дека подобар договор со Грција не ќе можевме никогаш да постигнеме со Грција ниту во иднина не ќе можеме. Единствено во 90-тите години да се навлезеше потемелно можеби ќе се постигнеше, но во моментов овој е најреален и највозможен договор – рече поранешнот пратеник на ПДП.

 

 

Поврзани новости