Фракција на ВМРО-ДПМНЕ: Се е исто, само Груевски го нема

by fokus

Со вчерашната изјава на министерот Спасовски дека: „Зад пропагандата против ЕУ и НАТО стои мала криминална структура” уште еднаш јавно потврди дека оваа влада по ништо не се разликува од владата на Никола Груевски. Се е исто, само го нема Груевски и жолтите комбиња. Но, затоа тука се персони како Спасовси кои се спремни да продолжат онаму каде што застана монструозната пропагандата и дејствување на поранешниот премиер. По оваа изјава на Спасовски неговиот лик и дело потсетува на времето на владеењето на најголемите диктатури. Се работи за јавно лично и партиско бламирање и тоа е јасен доказ за немањето на демократски капацитет на оваа влада чиј член е тој, велат од Демократската фракција на ВМРО-ДПМНЕ.

„Министерот Спасовски мора да разбере дека секој граѓанин има право слободно да води пропаганда и јавно да си го искаже својот став. Очигледно е дека како и неговите претходници во владите на РМ и тој заборавил дека според Уставот на РМ се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата. Се гарантира слободата на говорот. Доколку се работи за криминална структура која дејствува подолго време, а за која министерот знаел и против истата досега не превземал ништо, тогаш тој сноси комплетна политичка и кривична одговорност за злоупотреба на службата и несовесно постапување во службата и потребно е под итно да биде разрешен.

Времето на лаги, манипулации и заплашување на граѓаните од позиција на министер му припаѓаат на минатото. Ваквите несериозни и паушални изјави кои имаат за цел да внесат страв кај секој граѓанин кој е против Договорот од Преспа е невиден срам и брука за секој член на СДСМ, за државата и за ЕУ и НАТО кон кои сите се стремиме. Впрочем оваа изјава е во потполна спротивност на изјавата на премиерот Заев и ставот на Владата за почитување на поинаквиот став на граѓаните по однос на понижувачкиот и неуставен договор од Преспа.

Министре Спасовски! Граѓаните нема да ги уплашите да го кажат својот став кој е спротивен на ставот на владата. Напротив, со ваквата дилетантска и заплашувачка изјава само ја зајакнувате вербата во нивниот исправен и патриотски став за штетноста на Преспанскиот договор“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ ДФ.

Поврзани новости