Искрено ве жалам…

by lali

Својот одговор на мојата минатонеделна белешка, Косана Мазнева ја крсти реплика и ја објави на својот фејсбук-профил. Таа реплицира, не одговара. Заборава дека не седи на пратеничко столче, во кое јас, пак, никогаш не сум седела.

Веднаш да расчистиме. Пишувачот е секогаш во дилема дали да ја продолжи дискусијата затоа што тоа се заканува да стане пишана сапуница и забава за народните маси, која завршува на социјалните мрежи како во котел полн со слатко во кој секој е сит, но лепливо е. Сепак, бидејќи овде нема доволно простор за да ѝ се одговори на Мазнева, а тоа се триесетина реда, една мала белешка ќе остане како одговор на репликата во која таа ми се обраќа на ти, ме праќа на фризер и ме подучува за користење шминка.

Како и да е, ќе ѝ се обратам во второ лице и ќе ѝ персирам, не за да покажам почит, туку за да се дистанцирам. Моите обвинувања до неа и до партијата чии идеи ги застапува не се малку. Јас ги обвинувам, не само за омаловажување и злоупотребување на жената, не само за уништување и злоупотребување на нејзината улога во општеството, не само за понижување и користење за партиски цели, туку за нејзино уназадување, претворање во инструмент, за остварување ниски цели и реализирање фрустрации и идеи на една помала група водачи на партијата. И да. Повеќето се со сила транспортирани со автобуси во спортската сала. По список. Со закани. Стара практика.

Драга Косана, го изгледав до крај вашето обраќање на роденденот на Унијата на жените на 17.12.2010 година. Дваесет и пет минути празни зборови за функцијата на жената, за тоа што сѐ сте направиле преку носење закони преку трибини и дебати, блалалалабла, ова значи дека некаде сум прескокнувала, но вашето обраќање завршува со еден куп лаги, кои се спакувани во суперлативи за човекот што го најавувате.Тогашниот премиер. Велите вака: зборува како што мисли, како што ветува, така и остварува, човекот што успеал да наметне европски стандарди за политичарите, човек што го карактеризираат чиста мисла, чесна работа, љубов кон татковината и човек што ја има неизмерната почит кон македонската жена. Лажете Косана Мазнава за човекот што го најавувате. Просто и едноставно измислувате. Од збор до збор лажете.

Не мислите дека сите ви се смеат за ова што го зборувате. Дали ги слушнавте разговорите на вашиот лидер, чесен патриот и нежен татко и сопруг. Дали скоро сте биле во некое просечно македонско семејство, дали сте посетиле некоја текстилна фабрика, дали сте влегле во супермаркет или сте отишле на пазар, дали имате финансиски проблеми, дали сте претрчале во банка или сте погледнале некоја жена на улица. Дали сте седнале на клупа на некоја фреквентна улица за да ги подзагледате просечните македонски жени, кои не ја сфатиле вашата финта за живот. Впрочем не можете сите вмровски жени да ги згрижите во пратенички и други клупи, да ги снабдите со станови, коли, пари, да ги сместите по комисии, да им ги вработите семејствата. Дали сте ги виделе оние тажни македонски жени што си ги испратиле децата по светот, да, тоа сме ние, ние отфрлените од оваа држава, од која вие направивте пекол. Вие, Косана Мазнева, лажете во секој збор што го кажувате во вашиот говор. Што се однесува до вашата реплика, која послужи као забава за народ, никого не го интересира вашата семејна ситуација, вашите ќерки-алтани и вашите апстрактни грижи. Се разбира, еднаш ќе мора да сфатите дека вие сте конкретен член на партија зад чие дејствување стоите таква каква што сте, а сеедно е во суштина дали јас ќе гледам во вашето длабоко деколте, зашто во принцип, за таква работа на некој друг заинтересиран ќе треба да му се обратите. Се разбира дека нема да ве барам, се разбира дека нема да седнам со вас на кафе, се разбира дека нема да ве прашам за вашите судски проблеми, исто како што нема да ви кажам колку мои пријатели настрадаа во деветтиот круг на пеколот, во што вашата партија ја претвори оваа прекрасна земја. Нашите деца ги спакуваа куферите и отпатуваа, си ја бараат среќата по светот, тој кошмар вие не можете да го сфатите, ниту можете да ја почувствувате тагата. Вие ги избркавте.

Ова не е реплика, ова е обична новинарска белешка, што во книгите се води како новинарски вид што третира помалку значајна тема. Можете слободно да сфатите дека вие спаѓате во помалку значајни општествени теми, како тие зошто фрламе толку пари на фасади, а ниту една нема метална плочка со број.

Унијата на жени постои поради мажите, тоа е парадоксално, но вистинито. Вие и јас сме како ноќ и ден, како црно и бело, паралелни светови. Вашите ќерки-алтани се покрај вас, моите ќерки секој ден ме прашуваа дали ќе нѐ убијат, дали ќе нѐ затворат и како ќе нѐ глобат. Живееја со исклучени ѕвончиња и се стресуваа на секое чукање на нашата неквалитетна метална врата. Потоа си заминаа.

Јас ве обвинувам вас и сите ваши деколтирани или недеколтирани прекрасни пријателки, кои направија во ова општество на сѐ да му се знае цената, а на ништо вредноста, за лагите дека градите европски вредности. Како што реков, овде нема место за сите мои обвинувања, а не сум ни толку елоквентна и храбра како Емил Зола. Оној поради кој тој обвинуваше, беше постхумно рехабилитиран. Вие тоа не можете да го разберете. Гледајќи кон повисоки цели, се сопнавте од вашите ниски и лични. Искрено ве жалам поради тоа. Ќе ве поздравам со неколку топли редови. Моите моливи одамна се без срце. Не им треба. Што ќе им е срце за потпишување фактури, признаници во пошта, сообраќајни казни. Со срце се пишува, не се потпишува.

Вие го убивте и пишувањето во нас. Речиси механичка одбивност чувствувам во прстите кога треба да пишувам за вас.

 

Поврзани новости