Доктор Виктор Исјановски, директорот на Здравствен дом Скопје најверојатно ќе биде нов заменик министер во секторот здравство, неофицијално дознава „Фокус“.
Според нашите информации, тој е еден од најсериозните кандидати да го замени досегашниот втор човек во министерството за здравство, на кое столче се уште седи доктор Илир Хасани, екс директор на Ургентниот центар.
Доктор Исјановски е субспесијалист по психијатрија, а од пред две години раководи со Здравствен дом Скопје.
Тој беше носител и на советничката листа од редовите на СДСМ во скопската општина Карпош, но се повлече од советничкото место тврдејќи дека сака да си работи на професијата, која во моментот му е приоритет.
„Фокус“ стапи во контакт со него, но тој не сакаше да коментира на темата.
Сето ова се случува во период кога лидерот на Алтернатива, Африм Гаши и се уште актуелниот лидер и премиер Зоран Заев конечно ги договорија министерските позиции во новата влада, со што партијата на Гаши останува коалиционен партнер.
Меѓу нив како најчесто споменувано име е Беким Сали, кој се очекува да седне на министерската фотеља во здравство. „Фокус“ веќе објави кој е Сали, наследникот на Филипче. Тој по професија е стоматолoг и има своја приватна ординација, како и бизнис со текстил.
Тоа што е уште помалку познато, како што тврдат нашите добро упатени извори, е дека Сали кус период во 2008 година бил шеф на кабинет на тогашниот министер за здравство Бујар Османи од ДУИ, во времето кога ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ беа коалициони партнери.
Тој во изјава истакна дека се уште не е донесена официјална одлука, но сепак неговото име се споменува како иден министер за здравство.
„Се уште е рано да се зборува на темата. За министрите и замениците уште се одлучува, додека за директорските места се очекува да се одлучи во текот на неделата. 99 посто е точна информацијата дека јас ќе бидам министер за здравство, но сепак постои цела процедура.
Може да потрае и месец дена. Најпрвин треба и органите на нашата партија да ме изгласаат. Јас не можам да се наметнувам“, истакна доктор Сали за „Фокус“.
Сали за „Фокус“: Речиси 99 отсто е сигурно дека ќе бидам министер
Ирена МУЛАЧКА