Дваесет и седум годишниот Уран Купа од Велешта, вработен во општина Струга како лично обезбедување на градоначалникот Зијадин Села, исчелнал пред три дена, од кога му се губи секаква трага. Неговиот автомобил бил пронајден во близина на Дебар, но нема никаков глас од Купа.
Градоначалникот Села тврди дека неговиот вработен е киднапиран. Тој побара граѓаните да пријават доколку имаат било каква информација која може да помогне да се пронајде неговиот телохранител, а надлежните институции соодветно да одговорат за случајот.
-Вечерта кога е случен настанот, во Струга имало полициски службеници во цивил од други места кои вршеле легитимирање без знаење на Полициска станица Струга. Органите за безбедност треба да имаат некакви информации, но за жал нема трага од нашиот вработен, што е доказ дека киднапирањето е извршено од професионалци – рече Села на прес конференцијата во просториите на општината, на која присуствуваа и членови на семејството на исчезнатиот.
Критичната вечер исчезнатиот од мобилниот телефон пратил смс порака до семејството да не му се јавуваат бидејќи „бил со луѓе“. Но, семејството се сомнева дека тој не ја напишал таа порака, бидејќи никогаш порано не го направил тоа. Од СВР Охрид информираат дека полицијата интензивно работи на решавање на случајот од моментот на пријавување.