Тамара Димовска почина, чекајќи операција во странство

by Fokus 11:19
11:19

Деветгодишната Тамара Димовска од Велес, која имаше искривување на рбетот утрово починала, откако претходно без знаци на живот била пренесена во Велешката болница. Битката на девојчето со надлежните институции траеше цели три месеци, при што министерот за здравство Никола Тодоров изјави дека операцијата ќе биде на сметка на државата.

Здравствената голгота на малата Тамара продолжи и по најавата дека операцијата која чини 30.000 евра ќе ја плати државата. Нејзината мајка, неколку пати досега реагираше дека се заглавени во правна процедура, а дел од лекарите од кои се чекаше конзилијарно мислење на почетокот тврдеа дека 9-годишното девојче не е итно за операција. Под притисок на јавноста, на почетокот на декември стигна маил од Фондот за здравство во кој пишуваше:

- Advertising -

– Комисиите за лекување во странство при ФЗОМ донесоа позитивно решение и осигуреното лице Т.Д. ќе биде испратено на лекување во реномирана болница во Турција – пишуваше во официјалното соопштение испратено на 12 декември.

Што во меѓувреме се случи, па здравствената состојба на девојчето се влоши? Зошто Фондот за здравство и ресорното министерство чекаа цели два месеци за малата Тамара да замине на операција во Турција? Кој во моментот ќе ја сноси одговорноста за прераната смрт на девојчето?

И, покрај секојдневните апели од нејзината мајка дека здравствената состојба на девојчето се влошува, надлежните институции до денеска не ја испратиле Тамара на операција. Таа починала во Велешката болница.

Атмосферата на социјалните мрежи врие, откако граѓаните дознаа за смртта на девојчето. Тие не можат да сфатат како надлежните институции си поиграле со еден детски живот. Револтираните граѓани, целата вина ја префрлаат на првиот човек во здравството Тодоров и на Фондот за здравство.

 

 

Поврзани новости