Интервју со Величковски: Нашите народи се поврзани со пријателски врски, кои не може да ги раскине некое моментално несогласување

by fokus

Борче ВЕЛИЧКОВСКИ, претседател на Македонскиот национален совет во Србија

Какви права уживаат Македонците во Србија и како функционира убедливо најорганизираниот дел од нашата дијаспора со стотици градски и наменски здруженија и организации. Во разговор за „Фокус“, претседателот на Македонскиот национален совет во Србија, нагласува дека долгорочно непријателство меѓу македонскиот и српскиот народ немало и не може да има, а случувањата од последните неколку години ги дефинира само како моментални изолирани недоразбирања. Српскиот пример за третирање на националните малцинства го препорачува за сите демократски држави, а ги повикува и нашите институции поактивно да се вклучат во поддршката на македонските иселеници во Србија.

Разговараше: Дејан АЗЕСКИ

ФОКУС: Неодамна ја презедовте функцијата координатор на сите национални совети на малцинствата во Република Србија. Како дојде до тоа и како една мало национално малцинство доби толкава чест?

ВЕЛИЧКОВСКИ: Во март месец ја презедов функцијата претседател на Координацијата на Националните совети во Република Србија. Се работи за тело што ги собира сите 23 постоечки национални совети во државата и кое има за цел да ги дефинира и да ги решава сите оние заеднички прашања на националните малцинства во Србија. Отприлика, на едно микрониво се работи за своевиден пандан на системот на Обединетите нации.

Секое национално малцинство во Србија го има својот национален совет како легитимен, државен претставник на неговите права во областа на културата, образованието, службената употреба на јазикот и писмото и информирањето на мајчин јазик, но сите тие совети за најкрупните заеднички прашања решаваат на орган, кој се вика Координација на националните совети на националните малцинства.

ФОКУС: Како се избира претседателот на ова тело?

ВЕЛИЧКОВСКИ: Морам да напоменам дека претседателот на ова тело се избира со консензус и дека ова е голема чест за нашето национално малцинство, но и за мене лично, особено ако се земе предвид дека ова е вторпат во десет години како сум избиран на оваа важна функција. Нашиот македонски национален совет е мошне уважен и почитуван од страна на другите национални совети. Нашето мислење е уважено и силно, без оглед што по бројност на граѓаните што ги застапуваме, спаѓаме во средно ниво на големина на Националниот совет. Треба да се има предвид дека во Србија постојат малцинства што бројат и по неколку стотина илјади припадници. На тој начин покажуваме дека големината не е битна, туку знаењето и умешноста. Така што од март ја имам честа да ги претставувам правата на околу 1.300.000 граѓани на Србија.

МАКЕДОНСКОТО МАЛЦИНСТВО ВО СРБИЈА

ФОКУС: Од она што гледаме, како национално малцинство во Србија уживате доста привилегии и права. Ајде подетално објаснете што точно значи националниот совет на Македонците и каква сè помош ви дава српската држава?

ВЕЛИЧКОВСКИ: Националниот совет на едно национално малцинство во Србија е државно претставничко тело, односно орган на самоуправа на тоа малцинство со право самостојно да одлучува и да се бори за правата на тоа малцинство во областите на културата, образованието на мајчиниот јазик, службената употреба на мајчиниот јазик и писмо, информирањето на мајчиниот јазик, но и во други сфери на јавниот и општествениот живот.

Националниот совет функционира согласно Законот за Националните совети на националните малцинства во Србија, според кој се прилагодени и законите за културата, образованието, службената употреба на јазикот и писмото, но и низа други закони на оваа држава. Националниот совет се избира на потполно идентичен начин и со потполно идентични правила како и Парламентот во Србија, така што можеме слободно да кажеме дека Националните совети се мали парламенти или мали влади на едно малцинство во оваа држава.

ФОКУС: Како се финансирате?

ВЕЛИЧКОВСКИ: За нивната работа, Србија издвојуваа соодветни средства за секој совет посебно, согласно бројот на граѓаните припадници на малцинството што го претставува и неговите постигнати резултати. Националните совети се понатаму организирани во Координацијата на националните совети на националните малцинства за која веќе стана збор, а постои и Национален совет на сите национални совети во Србија, со кој по закон секогаш претседава актуелниот претседател на Владата на Република Србија и во кој покрај Националните совети членуваат и ресорните министри на Владата на Србија, од оние министерства чиј делокруг на работа ги покрива и правата на националните малцинства. Тоа се министерот за човечки и малцински права и општествен дијалог, министерот за образование, министерот за култура и информирање, министерот за надворешни и министерот за внатрешни работи и др.

ФОКУС: Дали имате каква било финансиска или друга поддршка од македонска страна?

ВЕЛИЧКОВСКИ: Не.

КОНСТИТУТИВЕН НАРОД СМЕ ВО АП ВОЈВОДИНА

ФОКУС: Јавноста знае дека Македонците ги има во Србија по колонизацијата во 1946-1947 година, но факт е дека многу истакнати Македонци – дејци уште пред војната твореле во Белград и во Србија. Од кога и како Македонците се присутни на овие простори?
ВЕЛИЧКОВСКИ: Нашинците се населувале на овие простори уште во 18 и во 19 век за што нашата Новинско издавачка установа „Македонски информативен и издавачки центар“ објави една книга на Климент Џамбазовски, која ги опишува овие времиња. Тие тогаш доаѓале на печалба или биле ангажирани како извонредни занаетчии и се доселувале со текот на времето со своите фамилии, доминантно во тогашен Белград. Но, да, најголемиот број на нашата заедница во Србија, поточно на припадниците на македонскиот народ што живеат во Србија се доселени во прочуената колонизација со „воз без возен ред“ во 1946 и во 1947 година, каде што околу 11.500 македонски фамилии, од кои секоја броела од 7 до 10 членови се доселиле претежно во Јужен Банат во Панчево, Јабука, Качарево, Глогоњ, но и Вршац, Пландиште и местата околу Пландиште, како што се Хајдучица, Стари и Нови Лец, Гудурица крај Вршац и други места.

ФОКУС: Седиштето на Македонскиот национален совет е во Војводина, конкретно Панчево. Зошто баш таму?

ВЕЛИЧКОВСКИ: Делумно одговорив во претходното прашање. Панчево е местото каде што живее најголемиот број граѓани Македонци, најмногу во населеното место Јабука, а потоа и во населените места Качарево и Глогоњ. Во Панчево, кое брои околу 130.000 жители, нашата македонска заедница е прва по бројност по мнозинскиот српски народ. Оттаму е и природно седиштето на нашата чадорна институција да биде сместено баш во Панчево.

ФОКУС: Кои сè активности ги преземате во текот на една година?

ВЕЛИЧКОВСКИ: Одговорот ќе мора да биде малку поопширен. Од 26 декември 2004 година, кога е формиран Националниот совет на македонската заедница во тогашна Србија и Црна Гора – формирани се и 31 здружение, или струковни организации во рамките на Сојузот на асоцијации на МНЗ во Србија, чиј основач е Националниот совет на македонското национално малцинство. Формирани се Новинско издавачката установа „Македонски информативен и издавачки центар“, Националниот Ансамбл за народни песни и ора „Тоше Проески“, кој сега функционира како Центар за заштита на традицијата и посебностите на МНЗ, Форум на млади Македонци, Друштво на интелектуалци Македонци „Лоби Клуб“, Фондација на македонската култура „Македонско сонце“, Друштво на новинари Македонци во Р. Србија „Мак-Инфо“, Друштво на ликовни уметници, Централна библиотека на македонски јазик, покренати се емисии на електронските медиуми на РТВ Војводина, РТВ Панчево, РТВ Дунав и РТВ Врање.

Дополнително се спроведуваат низа манифестации од кои најпознатата Денови на македонската култура во Р. Србија „Себеси во поход“, е прифатена како манифестација од посебно значење за АП Војводина и Р. Србија. Македонскиот јазик како предмет „Македонски јазик со елементи на националната култура“ е воведен во образовниот систем на Србија и се изучува во моментот во 10 училишта, а дополнително е воведен во службена употреба во Јабука, Пландиште и во Качарево.

Во Статутот на АП Војводина сме воведени како конститутивен народ, а не како останато малцинство и уште многу други работи. Исто така, имаме проекти од типот на „Корени“ преку кои комуницираме со амбасадата на Македонија и со сите други највисоки институции. Плод на таа соработка е праќање на околу 120 студенти-стипендисти Македонци од Србија на студирање во татковината. Генерално воспоставени се одлични односи со највисоките функционери на двете земји, што резултираше со нивни посети на Националниот совет.
Да потсетам дека пред времето на националниот совет беа формирани само едно здружение на граѓани во Пожаревац и едно здружение на српско-македонско пријателство во Белград.

ФОРМИРАНИ СЕ 31 ЗДРУЖЕНИЕ И ОРГАНИЗАЦИИ

ФОКУС: Во Србија функционира и Македонската издавачка куќа. Што објавува оваа издавачка куќа?

ВЕЛИЧКОВСКИ: Новинско издавачката установа „Македонски информативен и издавачки центар“ е формиран уште во 2007 година од страна на Националниот совет на македонското национално малцинство во Србија. Неговата главна улога е да ги информира граѓаните, припадници на македонското национално малцинство на нашиот македонски, мајчин јазик.

Новинско-издавачката установа „Македонски информативен и издавачки центар“ ја објавува информативната ревија „Македонска виделина“, списанието за деца „Sуница“, за култура, уметност и книжевност „Видело“, за млади „Македон“, тројазичното списание „Алка“ и, исто така, има богат издавачки опус на преку 120 објавени наслови на македонски и српски јазик. НИУ „МИИЦ“ е основан од страна на Националниот совет, но се финансира од страна на буџетот АП Војводина.

ФОКУС: Деновиве Србија е актуелна кај нас поради првите 8.000 вакцини што ни ги испорача. Во таа пригода, српскиот претседател Вучиќ лично го посети и Скопје. Како го коментирате овој чин?

ВЕЛИЧКОВСКИ: Секако, исклучително како чин на добрососедските и братските односи на двете држави и двата народа.

ФОКУС: Сепак, не се идеални и розови македонско-српските односи. На што се должат несогласувањата во последниве години?

ВЕЛИЧКОВСКИ: Односите на двете држави во текот на поновата историја оделе по патека на подигање на нивото на меѓусебното разбирање и меѓусебното уважување, почит и толеранција. Сметам дека која било вид на моментално несогласување на некои ставови е само привремен чин. Нашите народи се поврзани со братски и пријателски цврсти алки, кои не може да ги раскине некое моментално несогласување околу некои прашања.

ФОКУС: Дали имате начини и можности вие како Национален совет да влијаете на подобрување на односите?

ВЕЛИЧКОВСКИ: Во тек е формирањето на мешовитата меѓувладина комисија меѓу двете држави, која треба да ги имплементира точките од меѓудржавниот договор, кој е потпишан уште во далечната 2004 година, а е ратифициран уште во 2005 година. Станува збор за договор помеѓу двете држави, кој на одреден начин реципроцитетно треба да ги остварува правата на српскиот народ во нашата матица и правата на македонскиот народ во Србија. Сметам дека со таков еден чин, ние, како заедници, и српската и македонската, ќе бидеме мост на уште поцврсто поврзување и надминување на евентуалните неусогласености.

Поврзани новости