Фокус: Кога минатата недела Националниот сервис МРТ ја извести јавноста дека вие ќе ја претставувате Македонија на Евровизија 2020, оние кои добро ве знаат ви честитаа со верба во вас, додека пак добар дел од јавноста праша – Кој е Васил Гарванлиев? Момчето кое во музичката ризница ни го остави детскиот хит ,,Марионка”, кое живееше и се занимаваше со музика долги години во Америка, а потоа и во Италија, кое настапи на иста сцена со Селин Дион, Енрике Иглесијас, Нели Фуртадо и многу други ѕвезди, а сепак за својот народ, недоволно познато. Со ваши зборови, кој е Васил Гарванлиев и што е она најважното, кое јавноста треба да го знае за вас, како за евровизиски претставник на нашата земја?
Гарванлиев: Пред се, сум горд Македонец кој по 22 години живеење на различни места се вратив дома со желба и визија да творам и пеам наша македонска музика.
Тоа што треба да се знае е дека сум борец, и дека како на повеќето кои живеат надвор од нашето родно место, патот не секогаш ни бил лесен.
Не сум изненаден што можеби за повеќето мојата работа е недоволно позната. Живеев и се образував надвор од тука повеќе од 22 години, завршив соло и оперско пеење на најпрестижните универзитети и фокусот ми беше опера.
Настпаував на најголемите музички сцени, учествував на светски познати фестивали и натпревари, и луѓето кои следат и слушаат таква музика ме знаат.
Евровизија за мене сега е супер можност да дадам се од себе како одбран глас да ве претставам во најдобро светло.
Фокус: Пред две години од Лондон се вративте во родната Струмица и продолживте со музичката кариера со промоција на песната ,,Ѓердан”. Дали сега можете да кажете дека не направивте грешка со враќањето назад, гледате ли некои позитивни промени овде, очекувате ли успешна кариера во својата земја?
Гарванлиев: Ѓердан беше првиот проект кој ме врати дома. Во меѓувреме пуштив втор сингл – Патувам, пеев на концертот на СОФ – Тоше трибјут, имав голем соло концерт со уште една нова песна – Мојата Улица во Струмица пред крајот на минатата година, и бев дел од евровизискиот тим со Тамара.
Во ниту еден момент не помислив дека направив грешка со моето враќање дома, напротив, спремам албум кој е скоро поставен и ќе биде објавен кон крајот на јуни. Верувам во нашата музика и нашите музичари, време е да слушнат за нас надвор од нашите граници.
Фокус: Евровизиската сцена не ви е непозната, лани бевте придружен вокал на Тамара Тодевска, какво беше искуството?
Гарванлиев: Клучно за се. Секој сериозен уметник сонува за таква шанса.
Многу сум благодарен што Тамара ми ја даде можноста да бидам дел од тимот и одблиску да видам како и што се случува позади камерите и да си потврдам сам на себе дека сум подготвен за таков предизвик. Да не бев лани немаше да бидам толку смирен и сигурен колку што сум сега. Ништо не е случајно.
Фокус: Тамара лани и го донесе најголемиот евровизиски успех на Македонија, прво место според стручното жири. Да се повтори или надмине тој успех е голем предизвик за секој музичар кој ќе настапи на Евровизија во иднина. Верувате ли дека пак можеме да блеснеме на сцената и да го повториме или пак надминеме ланскиот успех?
Гарванлиев: 100% со се во себе. Заедно, со добар тим и правата песна МОЖЕМЕ СЕ!
Фокус: Уште пред и да биде претставена евровизиската песна, традиционално, започнаа негативните коментари на социјалните мрежи. Освен прашањето – Кој е Васил, често може да се прочита и – Ах, тој е од Струмица, сигурно има некаква врска со поранешниот премиер Зоран Заев… Дали ве погодуваат таквите објави, посебно од луѓе кои не ве познаваат и не се доволно информирани за вашите музички постигнувања надвор од земјава? Се познавате ли или пак сте во роднинска врска со Заеви?
Гарванлиев: Мала земја сме и сите со сите се знаеме. Свесен сум дека секогаш публиката ќе има различни ставови и мислења, изборот е наш на која страна ќе погледнеме.
Јас секогаш гледам напред, се трудам да бидам позитивен, искрен и реален со себе и се фокусирам на најдоброто што го имам и што го правам. Уметниците се најголемите амбасадори кои го претставуваат својот народ и култура, следствено на тоа природно е да имаме поддршка за тоа што го правиме. „Продолжи да не претставуваш секаде каде одиш, пеј за луѓето, пеј за твојата земја и никогаш не за политика” – Ова е еден од советите што поранешниот премиер Зоран Заев ми го даде пред неколку години.
Фокус: Во минатото многу докажани музички имиња кои зад себе имаат албуми и полнат клубови и концертни сали не претставија на Евровизија. Листата е долга, Тоше, Каролина, Калиопи, Лозано… Но, речиси сите, кога по слабиот пласман се враќаа назад, беа дочекани од јавноста ,,на нож” со низа на вербални напади, навреди, критики… Дали Васил е подготвен да се справи со она што го чека, доколку не влеземе во финале?
Гарванлиев: Секако дека сум, ова е голем предизвик за сите. Но, да ги тргнеме ножевите на страна и без разлика на резултатот дајте да почнеме да се цениме и да научиме да си кажуваме БРАВО! Евровизија не е само натпревар туку и едно одлично музичко шоу. Одиме напред и нагоре!
Фокус: Дали веќе имате дефинирано кој ќе биде тимот со кој ќе се прави евровизиската песна, кој жанр на музика би одбрале, што планирате да и понудите на Европа, со цел да бидеме забележани, запомнети и секако горди на својот претставник?
Гарванлиев: Повикот е отворен за сите композитори кој сакаат да напишат песна. Имам уникатен и специфичен вокал, и знам дека со правата песна нема да промашиме. Би сакал песна каде исток и запад ќе се сретнат на средина, ама тоа ќе одлучиме кога ќе седнеме да ги преслушаме предлозите.
Фокус: Сценскиот настап неретко има голема улога во претставувањето на песната, планирате ли нешто спектакуларно или пак скромно, каде вниманието ќе биде целосно посветено на гласовните можности?
Гарванлиев: Јас лично имам неколку идеи, но чекаме на песната, таа ќе диктира во која насока ќе одиме.
Фокус: Интервјуто го правиме по електронски пат, бидејќи моментално сте во Канада. Професионална ли е посетата таму, планиран ли е некој ваш настап пред тамошната публика?
Гарванлиев: Да, ќе настапам како специјален гостин на промоцијата на новиот соло-пиано албум на мојот драг пријател Давор Јордановски. Ноември минатата година тој гостуваше на мојот концерт „Мојата Улица“ како музички директор. Останатото време сум во студио со припремите за мојот нов албум.
Фокус: И за крај, што по Евровизија? Албум, концертна турнеја, што да очекува јавноста на професионално поле од вас во иднина?
Гарванлиев: Мојот план и пред да бидам одбран за Евровизија ми беше да објавам соло албум некаде при крајот на јуни. До мај целиот фокус ќе ни биде на Евровизија, па после тоа ќе ги наредиме коцките за останатите проекти.
Разговараше: Вики Клинчарова