1.3K
Истакнатата граѓанска активистка Мери Николова неодамна најави дека ќе учествува на трката за градоначалник на Пробиштип, на претстојните локални избори. Во интервју за „Фокус“ зборува за нејзиниот мотив да застане на чело на градот.
Разговараше: Валентина Вурмо
ФОКУС: Поднесовте кандидатура за градоначалник на Пробиштип до СДСМ. Дали очекувате поддршка од партијата, бидејќи имате уште тројца против кандидати?
НИКОЛОВА: Сметам дека со своето залагање за позитивни промени во општеството кои кореспондираат со заложбите на СДСМ, со моето лично ангажирање, како и анимирањето на јавноста во насока на критика и отпор спрема претходната власт заради нејзиното непринципиелно диктаторско и селективно владеење, заслужувам да ја добијам подршката од партијата. Со мојата работа и лично залагање, со мојот интегритет како личност, се здобив со авторитет, почит и поддршка не само на членството од СДСМ туку и пошироко. За мојата кандидатура партијата е на потег да се произнесе, а потоа и моите сограѓани кои треба да ме изгласат. Ќе се борам за подобар живот во градот.
ФОКУС: Што ќе се случи доколку не добиете партиска поддршка?
НИКОЛВА: Сега дојде време за поддршка од партијата, да се вреднуваат вистинските личности. И каква одлука да се донесе јас одам во трката за градоначалник во мојот град дали од партија или како независна. Моите пријатели велат дека мојот дел од борбата против режимот беше беспрекорно направен, за нив бев и сум пример за права жена борец и херој на поновата Македонија.
ФОКУС: Народот ве препознава како граѓански активист. Од каде идејата да се кандидирате за градоначалник?
НИКОЛОВА: Почуствував момент дека им требам на граѓаните и се одлучив да им помогнам. Многумина веруваат во моите способности дека можам да допринесам многу во Пробиштип. Одам напред и не дозволувам ништо да ме поколеба. Многу вложив во борбата против диктаторскиот режим на Никола Груевски. Ќе бидам градоначалник за пример како што тоа и го заслужува мојот град. За ваква функција треба да се има елан, ентузијазам и срце. Стравот за мене е мисловна именка и затоа немам никаков сомнеж дека секоја проблематика би ја истуркала на виделина. И како лице од партија а посебно како докажан и истакнат граѓански активист се борев неуморно сиве овие години така и ќе продолжам и ќе се изборам за овој предизвик, и во иднина достојно ќе го претставувам Пробиштип. Секогаш моите заложби биле да безусловно помагам и работам за доброто на народот. Посебно на оние категории на граѓани оставени на маргините на општеството, заборавени од сите. Јас потекнувам од Пробиштип и проблемите со кои се соочуват граѓаните ми се блиски и познати. ВО МОИТЕ ОЧИ СИТЕ ГРАЃАНИ СЕ ИСТИ !
ФОКУС: Во моментот имаме само една жена градоначалник, Теута Арифи, а во насока на зголемувањето на нивниот број Лилјана Поповска уште пред неколку години предлагаше законската обврска за партиите за родовата застапеност за пратеници и советници да важи и за првата општинска функција, односно секој трет кандидат за градоначалник да биде жена. Што мислите вие, дали ни требаат повеќе жени градоначалници?
НИКОЛОВА: Една ластовичка не прави пролет. СДСМ треба што повеќе жени да стави на листа за градоначалници, да се запази родовата еднаквост. Ако сите се бориме за родова еднаквост, една кандидатка за мене е дискриминација. На листите сакам да видам многу кандидати жени како доказ дека нешто позитивно ни се случува во општеството.
ФОКУС: Со семејството живеете во Скопје, а ќе одите во трката за градоначалник на Пробиштип. Дали сметате дека тоа ќе ви биде отежителна околност?
НИКОЛОВА: Во животот за да успееш да ги оствариш своите цели, во овој случај да го искорениш злото и луѓето на режимот и со самото тоа да помогнеш на сограѓаните, потребни се жртви. Во мојот роден град имам стан, наследен од мојата покојна мајка, така да во работните денови ќе престојувам во Пробиштип, а со семејството ќе бидам за време на викендите.
ФОКУС: Неодамна актуелниот градоначалник на Пробиштип, Тони Тоневски, беше пријавен за обид за силување, а потоа пријавата беше повлечена. Вие на фејсбук напишавте дека се сомневате дека зад „местенката“ стои премиерот Емил Димитриевски, бидејќи сакал да биде идниот градоначалник. Дали ова значи дека против кандидат ќе ви биде актуелниот премиер?
НИКОЛОВА: Кога еден човек е обвинет и потоа во судска постапка се докажува дека нема доволно докази за сторено кривично дело, во тој случај за да го сочува својот углед и интегритет, истиот би поднел кривична пријава за лажно обвинение. Фактот што обвинетиот Тоневски не го направи тоа остава сомнеж за договор со партијата за да има мир во куќа. Според горе наведеното јас заклучувам дека, едниот од овие двајца, Тоневски или Димитриев, ќе биде мој против кандидат на локалните избори, иако и двајцата не се во добри односи.
ФОКУС: Кој е најголемиот проблем на пробиштипјани, и што ќе им ветите за да ја добиете нивната доверба?
НИКОЛОВА: Пробиштип има многу проблеми, како резултат на катастрофалното владеење со градот на градоначалниците од ДПМНЕ, но како најголем проблем би ги навела сиромаштијата и безперспективноста што се одразува со масовно иселување на младите и на цели семејства. Мојата програма е фокусирана на конкретни мерки за подобрување на стопанството, и враќање на некогашниот просперитет на градот кој беше полн со оптимизам, радост и живот во време на моето детство и средношколските години. За таа цел имам планирано конкретни и детално елаборирани мерки во мојата изборна програма, која ќе ја претставам пред граѓаните и со која сум сигурна дека ќе ја добијам нивната доверба.